Маестро Коларовски, Ви благодариме што инспириравте бројни генерации танчери и кореографи, што оставивте неостранлив белег во македонското кореографско творештво и што ја споделувавте вашата љубов кон македонскиот фолклор!

Пишува: Д-р Филип Петковски, танцов историчар и теоретичар 

На 9 март 2022 почина Атанас Коларовски, еден од најпроминентните македонски танчери и кореографи на традиционални танци кои постоеле во земјава. Роден на 9 август 1926 година во селото Драчево, Атанас расте во заедница со уште 48 други членови на проширеното семејство, од кои многу биле талентирани музичари и танчери. По отслужувањето на воениот рок, во 1944 година се пријавува на аудиција за кавалџии, организирана од Трајко Прокопиев за потребите на Ансамблот на Југословенската армија.

Меѓу 1944 и 1945 тој останува член на ансамблот и настапува на бројни музички настани организирани во знак на поддршка на Југословенските партизани низ цела Југославија. Неговите музички и танцови таленти, како и желбата за концертирање и јавно изведување на македонското музичко и танцово културно наследство го мотивираат и да стане член на новоформираното културно-уметничко друштво Кочо Рацин каде што набргу станува еден од најдобрите танчери. Со формирањето на Националниот ансамбл за традиционална музика и игра на СФР Македонија (подоцна преименуван во „Танец)” тој станува еден од првите танчери кои се поканети на аудиција и станува професионален изведувач.

На 24 јуни, 1950 година, Коларовски настапува на првиот концерт на „Танец“ кој бил одржан во МНТ, а подоцна ансамблот тргнува на турнеја низ Југославија, додека исто така настапува во Лондон во „Ројал Алберт Хол“ и на фолклорниот фестивал во Ланголен каде што го изведуваат „Тешкото“, заедно со членовите на Лазарополската група во „Танец“. Веќе во 1952 година, Коларовски пројавува интерест за кореографија, па во „Танец“ ја поставува неговата прва сценска постановка наречена „Соборски игри и песни од Скопската околија’ која во 1958 година е доработена и преименувана во „Драчевка“, а денес е една од континуирано најизведуваните кореографии што постоеле на ова подрачје.

„Драчевка“ на Коларовски претставува ремек дело во буквална смисла на зборот, бидејќи претставува еден нов вид на кореографско изразување кое до тогаш не постоело во земјата, односно се заснова на стилизирани промени во танцовите чекори, внесување на актерски елементи и наративи и создавање на масовни сцени во кои учествуваат сите танчери на ансамблот. Следејќи го истиот принцип на кореографирање, во 1965 година, Коларовски ја поставува неговата втора кореографија— „Калајџиско“ која исто така станува дел од железниот репертоар, не само на „Танец“, но и на сите културно-уметнички друштва, во и надвор од Македонија.

Во 1964 година, тој заминува на турнеја во САД каде што патува низ многу градови и посетува многу ансамбли во кои ги поставува неговите кореографии, додека исто така ја започнува и неговата интернационална кариера како демонстратор и промотор на македонските традиционални танци во светот.

Во раните 70-ти години на 20 век, Коларовски работи и како уметнички директор на „Танец“, додека неколку години по неговиот ангажман се преселува во Сиетл, САД. Реализирајќи голем број на семинари и работилници во Европа и САД, Коларовски станува миленик на голем број танцови групи во Јапонија каде што станува неофицијален амбасадор на македонското танцово и музичко наследство. Поради неговите активности, многу танчери во САД стануваат вљубеници во македонскиот фолклор, додека многу од постарите танчери од овие групи сè уште вивидно се сеќаваат на него, на неговата енергија и љубовта кон танцот, како и на ората кои ги поставил.

Во 2019 година, Коларовски за последен пат се појавува на концерт на „Танец“ каде што е пречекан со громогласен аплауз. Во едно кратко интервју во 2019 година изјавил: „Танец“ ми го направи овој живот долг. Од тука почна мојот живот и мојата љубов кон традицијата. Каде и да одам во светов, каде и да сум, во главата секогаш ми бил Танец.”

Маестро Коларовски, Ви благодариме што инспириравте бројни генерации на танчери и кореографи, Ви благодариме што оставивте неостранлив белег во македонското кореографско творештво и што ја споделувавте вашата љубов кон македонскиот фолклор во секоја дадена прилика. Вашето дело никогаш нема да умре и вечно ќе живее. Поклон до земја и слава Ви!

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.