Теохарови за концертот во Офицерски дом во Битола се потрудија да донесат еден модел звучници кои можеа да го задоволат тој простор. И навистина имавме прекрасен звук кој на моменти наликуваше на катедралски звук
Пишува: Љубица Ангелкова
Драго ми е што ја потсетивме Битола дека Горан Стефановски е роден таму, што не е мала причина за да се направи еден концерт, да се поканат убави луѓе и да се напијат чаша вино во неговиот спомен, вели нашиот врвен готарист Влатко Стефановски за концертот кој во чест на неговиот брат се одржа во Офицерскиот дом во Битола. Концертот одржан токму на роденденот на Горан Стефановски го опишува како на високо емоционално ниво, зошто тоа не беше негов вообичаен концерт.

Како помина концертот посветен на Горан во Oфицерскиот дом во Битола?
– За тоа како беше, можеби е подобро да прашаме некој што беше во салата на концертот, зошто јас имам еден субјективен ракурс секогаш за своите настапи. Лично бев на едно емоционално подигнато ниво, зошто тоа не беше вообичаен мој концерт. Со поинаква возбуда влегов во целата таа идеја, благодарение на сите соработници… Божиновски, Теохаров, Камник, градот Битола. Но, ова е и концерт на кој тој мој емоционален фокус направи да го дадам својот максимум и на публиката да ѝ го подарам тоа што е најважно во музиката – прилично добра количина на емоции. Драго ми е што ја потсетивме Битола дека Горан Стефановски е роден таму, што не е мала причина за да се направи еден таков концерт, да се поканат убави луѓе и да се напијат чаша вино во неговиот спомен.

Ја вративте публиката во едно безгрижно време, но и ја изненадивте со финалето. Вашите интимни концерти се ретки… Како ја конципиравте програмата за овој настан?
– Од време на време, но не така често, свирам солистички концерти и настапувам на фестивали. Имав и промоција на албумот „Мајчин јазик“ кој резултираше со низа концерти низ регионот. Тоа се солистички концерти, на кои сум сам со акустична гитара. Факт е дека имам прилично голем материјал кој можам да го изберам за солистички настап и се обидувам да почнам со некакви теми кои се извлечени од традиционалната македонска музика и подоцна полека, откакоа ќе се презасити публиката со големиот број на ритми, почнувам да ја спуштам топката и да им понудам балади и некои вокални нумери што исто така се од мојот репертоар. Ја имам таа среќа што сум во исто време и инструменталист и кантавтор и можам да се послужам и со некои нумери кои не се мои, така што на тие концерти често пати го свирам и Мориконе, некој пат го свирам Моцарт, понекогаш и некоја песна која не е моја и тоа е само мал излет низ долгата листа од мојата лична музика, создавана во скоро 50-годишна кариера.

Спојот на виртуозноста на еден музички артист со добриот звук е една веројатно од најтешките задачи кога станува збор за концертна продукција. Вие го имате покрај себе Теохаров – македонски бренд кој создава high-end аудио опрема, а публиката на концертот во Битола имаше едно посебно концертно уживање, поради тој спој. Како би ја опишале соработката со Теохаров?
– Мојата соработка со Теохаров не е само професионална, туку е на дневна база. Ние скоро секој ден се гледаме, зошто за среќа нивниот аудио show-room се наоѓа на 300 метри од мојата куќа и секој ден сме заедно и дискутираме на разни теми. Се разбира, музиката е главната тема, аудиото е исто така наш фокус во дискусиите… зборуваме за звук, звучници, за акустика, за средување на простори во акустична смисла, зборуваме за музички студија, за сè и сешто… за историјата на рокенролот и сè што е блиску до тоа. Така се роди и нашиот заеднички проект – звучниците Legendary кои се еден исклучителен производ во аудио технологијата за пренос на звук, комплетно направен во Македонија. Ние сериозно можеме да сме горди на тие производи затоа што тие изгледаат како да се создадени некаде далеку одовде, да речеме во Данска или во Америка или во Англија. Едно високо, мошне високо ниво на изработка базирана на наука, инженерски концепти, на музичко искуство, на дизајн и на сè заедно.

Така што Теохарови за концертот во Офицерски дом во Битола се потрудија да донесат еден модел звучници кои можеа да го задоволат тој простор. И навистина имавме прекрасен звук. Слушајќи ги снимките од концертот неколку денa потоа, анализиравме како тој богат звук на моменти наликуваше на катедралски звук. Гитарата доби сосема друга димензија во тој простор. Офицерскиот дом како објект, од друга страна е навостина простор кој ме инспирираше и размислував дека сакам да настапам и да одржам еден концерт. Офицерскиот дом наликува на Виена, наликува малку на Централна Европа, така што големо задоволство беше да се биде таму,да се свири и да се слуша тој простор кој звучи фантастично.
На кој гитара од Вашата богата колекција настапивте?
– Донесов две Yamaha гитари. Eдната е Silent другата е Trans-acoustic. Главно свирам соло концерти на таа Silent гитара. Таа е празна, нема свој резонатор, но некако е погодена, мене ми е погодена. Од 2015 година свирам на неа и тоа не е некој скап модел, но е прилично добра и многу практична ако патувам со авион, а притоа има феноменален звук. Ја користам со неколку педали, користам лупер педала која ми овозможува да снимам некоја фраза и потоа да ја репетирам и врз неа да свирам, да импровизирам…

Тоа користење на лупер бара голема концентрација затоа што ако снимите погрешен луп тогаш е многу тешко да ги исправите грешките. Така што мојот фокус беше навистина прилично изострен таа вечер во Битола иако беше емоционално силна, јас и ментално бев целосно концентриран.
Дали имате некој посебен ритуал пред концертите?
– Немам некои посебни ритуали. Она што го знам за себеси е дека се обидувам да не ја изгубам енергијата во претерани комуникации пред концерт. Ми треба малку тишина и самотија макар тоа да се и 15 минути. Публиката сака да се фотографира, тоа се луѓе кои сакаат да ти кажат нешто, да те поздрават и целосно ги разбирам. Во публиката има и пријатели, роднини, другари, познаници, некои ги памтиш некои не.

Сакаат да ти се обратат, да ти кажат нешто и ако се пуштиш во тој миг пред настап во комуникација и социјализација, фокусот може да ти отиде, така што се обидувам барем 15-20 минути да бидам сам во гардероба со гитара. И тоа ми успева. Малку да медитирам и да се присоберам за да можам кога ќе излезам на сцена, да бидам во еден личен мир и спокој кој е неопходен за да испорачате максимум.
Ако по неколку години некој Ве запраша што ќе издвоите како најубав спомен од таа вечер, која ќе биде првата асоцијација од концертор во Офицерскиот дом во Битола?
– Преубавиот звук, дефинитивно. А од изведбите, не знам… Ги преслушав „Бистра вода“, „Јано мори“ и убаво ми звучат. На концертот гледам како целина, не би издвоил која нумера, зошто тоа е цел пакет аранжман. Јас кога почнувам да свирам, само ги „ролам“ тие песни една по друга… Можеби беше „Бистра вода“, која веројатно беше и најемотивната нумера што ја изведов таа вечер.






