Владимир Мартиновски, поет, раскажувач, есеист, теоретичар и книжевен преведувач e новиот амбасадор на наградата „Вавилон“ за 2022 година. Сите заинтересирани ќе може да го запознаат денеска во 16 часот, на првата онлајн-информативна средба за конкурсот за најдобар млад преведувач „Вавилон“. На оваа работилница ќе можете да се информирате за главните критериуми за учество, процесот на оценување, придобивките од учествувањето и освојувањето на наградата, а потоа ќе слушнете искуства и корисни совети од искусни книжевни преведувачи на што треба да внимавате при преведувањето.

Мартиновски е редовен професор по предметот Компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Докторирал на Универзитетот Париз III – Нова Сорбона. Член е на Македонскиот ПЕН и на Друштвото на писателите на Македонија. Член е на извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика.

Автор е на повеќе книжевно-теориски студии меѓу кои: Зоон поетикон – аспекти на современата македонска поезија (2013), Narro ergo sum (2015), Поетски (ре)визии (2018) и Далеку, а блиску – македонско-јапонски книжевни врски (2020). Автор е на бројни поетски збирки и збирки со раскази меѓу кои: Пред и по танцот (2012), Вистинска вода (2014), Внатрешни планини (2016) и Сонувани и будни песни / Dream and Awake Poems (2017) и 101 сонет од една чудна пролет (2020), Зоостории (2019), како и на три стихозбирки за деца: Dum spiro spero / Дур дишам се надевам (2019), Шах со Бах (2020) и Хор во задниот двор (2021).

Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици. Приредувач е на седум антологии. Член е на редакциите на списанијата „Културен живот, „Блесок и „Книжевни елементи.

Во неговата преведувачка библиографија се вбројуваат книги на Анри Мишо, Жорж Батај, Силвен Тесон, Максанс Фермин, Иван Херцег и Дејан Алексиќ. Добитник е на неколку книжевни награди: „Нова Македонија“ (2009), „Браќа Миладиновци“ на СВП (2010), „Димитар Митрев“ (2013), „Витез на македонскиот пишан збор“ (2014), „Антеов златник” (2020), „Лирата на Орфеј” (2020).

За да учествувате на денешната работилница пријавете се ТУКА  и изберете јазична комбинација со која ќе преведувате на работилницата. За присуство на работилницата приклучете се ТУКАПовеќе информации за наградата и за конкурсот прочитајте ТУКА.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.