Две изданија на „Софија“ од Богданци добија награди од Македонската асоцијација на издавачи – „Волшебното патување на Простор и Време“ со трето место за најдобро ликовно-графичко уредено издание, а „Сликовницата на Халки“ добри признание за поттикнување општествена одговорност

Владимир Јанковски е прогласен за автор на годината помеѓу два саема, најкреативно издание е „Во главата пишувам расказ“ на Елизабета Баковска и Сашо Димоски, а „Сликовницата на Халки“ го доби признанието за поттикнување општествена одговорност, одлучи Македонската асоцијација на издавачи. Во конкуренција на осум автори, Јанковски ја доби наградата за книгата „Скриени желби, немирни патувања“, македонски кандидат за наградата за литература на Европската Унија. Книгата на Јанковски беше и македонски кандидат за наградата „Балканика“.

Комисијата во состав: Весна Дамчевска, новинарка за култура, Сашо Димоски, книжевник и театролог и Никола Војнов, графички дизајнер избра награди во седум категории. Наградата за иновативност не беше доделена, затоа што жирито оцени дека ниту еден од петте предлози не ја заслужува.

Ова се останатите награди:

Најдобра едиција

1. „Целокупното творештво за возрасни на Оливера Николова“ („Арс ламина“)
2. „Штици“ („Гаврош“)
3. „Безвременски“ („Три“)

Комисијата го вреднува како најквалитетен издавачкиот проект на „Арс ламина“ и во исто време исклучителен чин за истакнување на „мајката на македонската книжевност“, за кој смета дека е уреднички одлично сработен, со добар и унифициран изглед на кориците.
„Штици“ е посветена на современи драмски текстови, чии први три книги содржат три драми од значајниот драмски автор Мартин Мекдона, за првпат преведени на македонски, која е испечатена во одлично дизајниран и унифициран џебен формат.
„Безвременски“ ја доби третата награда поради издржаниот концепт за обединување значајни дела од светската литература од различни епохи, со трајна вредност.

Најдобро ликовно-графички уредено издание

1. „Бамбино“ со приказна и текст на Ника Гавровска и дизајн на Никола Радуловиќ („Гаврош“)
2. „Збор по збор“ од Ника Гавровска (идеја, концепт и графичко уредување и илустрации на Наташа Андонова („Гаврош“)
3. „Волшебното патување на Простор и Време“ – автор Мирко Трајановски, илустратор Кристијан Јованоски („Софија“ – Богданци)

Комисијата едногласно го доделува првото место на книгата „Бамбино“ зашто книгата отскокнува од сите останати во конкуренцијата – графички е беспрекорно средена и надворешно и внатрешно, со оригинален разделник од црвена ткаенина кој е поврзан со приказната.
Со сликовницата „Збор по збор“ децата се воведуваат во светот на зборовите преку квалитетни ретроилустрации кои алудираат на стари добропознати приказни, страниците се испечатени на внимателно избран картон и користен е одличниот Рацинов фонт.
Третото место е за книгата „Волшебното патување на Простор и Време“ од авторот Мирко Трајановски и илустраторот Кристијан Јованоски, во издание на „Софија“ – Богданци, која има одлична корица и внатрешни илустрации во акварелна техника, како и јасен и читлив фонт, што е особено важно за изданијата за деца.

Најдобра книга за деца

1.„Пет приказни од целиот свет“ – Живко Гроздановски („Чудна шума“)
2. „Ши, ѕифри, копчи“ од Владимир Лукаш и Наталија Лукомска („Арс ламина“)
3. „Мистериозниот остров“ – напишана од Бистра Георгиева, илустрирана од Наталија Лукомска (од едицијата Сани и Стела на „Три“)

Изборот за најдобра книга за деца на комисијата оваа година едногласно падна на книгата „Пет приказни од целиот свет“, раскажани од Живко Гроздановски. Комисијата смета дека станува збор за мошне оригинален пристап, многу убав избор и одлично раскажани приказни со соодветни илустрации, кои оваа книга ја прават содржински значајно четиво за децата.
Комисијата смета дека „Ши, ѕифри, копчи“ навистина квалитетна книга, со откачена поетска содржина и со одлични илустрации.
„Мистериозниот остров“ е оценета како книга со забележителна интерактивност и со одлично постигната мистериозната атмосфера.

Најкреативно издание

1. „Во главата пишувам расказ“ од Елизабета Баковска и Сашо Димоски (самостојно издание)
2. Finger print art („Арс ламина“)
3. „Игра со придавки“ – од Оливија Георгиевска, илустрации на Јована Велинова-Трајанова („Арс ламина“)

„Во главата пишувам расказ“ има одличен концепт на содржинско спојување на 64 лирски прози на Баковска со 115 фотографии од различни жанрови на Димоски. Начинот на кој тие се надополнуваат во раскажувањето на состојбата на свеста во непосредниот период пред и непосредниот период по смртта на мајката на Баковска, во соочувањето со загубата на родител и со вечните теми за животот и смртта, ја прават оваа книга целосно оригинална и креативна и нешто повеќе од само книга.
Креативноста на боенките Finger print art комисијата ја гледа во поттикнувањето на децата од најмала возраст на едно поинакво боење, односно да бојат со отпечатоци од своите прсти и раце.
Третото место е за книгата „Игра со придавки“ од Оливија Георгиевска, во издание на „Арс ламина“, која на досетлив начин ги поттикнува децата лесно да ја совладаат граматичката категорија придавки.

Признание за поттикнување општествена одговорност

Проектот „Сликовницата на Халки“ од издавачот „Софија“ – Богданци

Комисијата во оваа категорија реши да додели само прво место, поради отскокнувањето на проектот „Сликовницата на Халки“ во однос на останатите. Станува збор за проект во кој централна улога има сликовницата, која обработува теми важни за современите деца. Сликовницата го објаснува процесот на изработка на една книга за деца и нејзината главна порака е дека читањето е најважната животна навика.

Специјално признание за промотор на читачката култура

Фестивал Bookstar

Комисијата смета дека фестивалот „Букстар“, кој досега се има одржано седум пати, ја заслужува наградата за специјален промотор на читачката култура, поради тоа што на македонската јавност ѝ претставува значајни современи европски автори и отвора дебати на важни теми од областа на книжевноста.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.