Влада Урошевиќ – лауреат на „Златен венец“ на СВП

Поетот и писател, академик Влада Урошевиќ е добитник на наградата „Златен венец“ на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2023 година, соопшти раководството на СВП. Поетот Гевин Бредли од Ирска за стихозбирката „Страв од разделба“ ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра меѓународна дебитантска поетска книга.

Обајцата добитници на наградите беа соопштени на денешното поетско читање по повод 21 Март, Светскиот ден на поезијата, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. На настанот воедно беше одбележан и јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.

За Урошевиќ, претседателката на управниот одбор, универзитетската професорка Елизабета Шелева рече дека е синоним за вљубеник во писмото и непоколебливо верен на словото.
– Неговото писмо има препознатлив печат. Тој остана доследен и препознатлив не само во нашата литература, по креативниот спој на фантастиката и надреализмот што ги негува во своите бројни авторски записи, туку и во неуморните читателски авантури проткаени со истражувачко љубопитство и траен афинитет кон овие две сродни полиња – рече Шелева.

Според универзитетскиот професор Владимир Мартиновски, „Страв од разделба“ е трогателно деби на Гевин Бредли во кое поетот го истражува емоционалниот данок кој произлегува од различните видови разделби.
– Разделба со партнерот, со пријателите, разделба со претходното чувство за себеси или разделба со домот и луѓето кои сме ги оставиле зад нас. Особено се впечатливи песните кои ја тематизираат самотијата на емиграцијата и немирот на разделбата од Северна Ирска – рече Мартиновски.

По доделувањето на наградите, посланија и песни читаа претставници на Македонскиот ПЕН Центар и Друштвото на писателите на Македонија, а се читаше и поезија од Ацо Шопов.

Насловна фотографија: Литература.мк