Византиски, македонски, грузиски напеви на православна духовна музика одекнааа од хорот „Менада“ во Охрид

Во духот на предвечерието на најголемиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден, фестивалот „Охридско лето“ организираше концерт на православна хорска музика со Женскиот хор „Менада“ од Тетово. Под диригентската палка на проф. д-р Ивица Зориќ настапија 21 хористка кои изведоа православна духовна музика со што дадоа свој придонес во одбележувањето на христијанскиoт празник токму во Охрид –градот чувар на македонското православие.

Со големо задоволство ја прифативме поканата да земеме учество на овој концерт со единствена желба да дадеме свој придонес, посебно во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“, изјави Зориќ.

– Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку византиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции кои се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот, завршивме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот – вели маестро Зориќ.

Маестро Зориќ, целиот свој работен век го има посветено токму на Женскиот хор „Менада“, но и на Детскиот хор „Лале“ чиј основач е самиот тој. Со „Менада“ годинава одбележаат 43 години постоење.

– Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исто така работам и со Детскиот хор „Лале“ кој исто така настапува и во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав и раководам со нив сите изминати години, и навистина е огромно задоволството што човек се посветува самиот себеси. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но патуваме често и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји, појаснува маестро Зориќ.

Со програмата што ја изведоа во Охрид, „Менада“ во октомври ќе настапи во Истанбул.

Фото: Охридско лето

Сподели