Вистински лезет во Филхармонија со ѕвездата на вечерта, виолинистот Александар Иванов

Погодок во центарот беше насловот на синоќешниот концерт „Лезет“ на Филхармонијата која целата година ја одбележува со архаични наслови извлечени од богатата лексика на македонскиот јазик. Ѕвезда на вечерта беше младиот виолинист Александар Иванов кој покажа што значи да се студира на „Џулијард“ во Њујорк, една од најпрестжните школи во светот каде тој доби највисока стипендија.

Со музичарите од македонската Филхармонија, под раководство на диригентот Борјан Цанев, го изведоа Концертот за виолина и оркестар во Дe-дур, оп. 35 од Ерих Волфганг Корнголд (1897-1957). Низ делото на австриско-американскиот композитор тие нè пренесоа во времето на црно-белите филмови на Холивуд. Концертот обединува неколку главни теми од повеќе филмови кои Корнголд ги инкорпорирал за да им даде живот и надвор од филмското платно, но ги преработил и им дал целосна симфониска структура. Младиот Иванов со невидена леснотија извлече магија од малиот инструмент кој допре до секој атом од публиката во полната сала на Филхармонијата.

Тој свири на виолина направена од Гаетано Антоањаци, која му е позајмена од школата „Џулијард“. Публиката го награди со громогласен аплауз младиот уметник кој допрва ќе ги освојува големите светски сцени.

Со изведба на делото „Психофонија“ од Ристо Аврамовски, Филхармонијат му оддаде чест и одбележа 80 години од раѓањето на македонскиот композитор. Творечкот опус на Аврамовски е исклучително богат и опфаќа повеќе од 150 дела од речиси сите жанрови на класичната музика. Најголем дел од неговото творештво е испирирано од македонското поднебје, а „Психофонија“ е едно од нив.

Во вториот дел од концертот беше изведена Гогољ суита од големиот советско-германски композитор Алфред Шнитке. Делото е всушност сатирична одисеја инспирирана од литературниот опус на Николај Гогољ. Музиката е напишана за претставата „Ревизорска приказна“ на ескеприменталниот театарски режисер Јуро Љубимов , базирана на дела од Гогољ. Премирата била во 1978 година. Шнитке напишал музика која го интегрира екцентричниот и надреален стил на Гогољ. Делото е составено од Увертира, Детството на Чичиков, Потрет, Шинел, Фердинанд Осми, Службеници, Балот и Финале: Сведоштво. Во дел како наратор се вклучува и гласот на Никола Ристановски. Со дополнителните светлосни ефекти, одличниот перформанс на музичарите и видно расположениот диригент, добивме комплетно музичко естетско доживување на кое публиката долго, долго аплаудираше.

Фото: Филхармонија

Сподели