По повод 24. „Недела на италијанскиот јазик во светот“, италијанската амбасада на во земјава и Катедрата за италијански јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, вечерва во 19 часот во Europe House Скопје организираат виртуелна книжевна средба со светски реномираната писателка Дача Мараини.
Мараини е една од иконите на современото италијанско творештво, добитник на најпрестижните книжевни признанија во Италија, наградите Стрега и Кампиело, и кандидат за Нобеловата книжевна награда. Авторка на белетристика, поезија, драми и есеистика, таа е буден и прониклив истражувач на состојбата на жената и во нејзините текстови често опишува сложени женски фигури, вметнати во поширока рефлексија на различни општествени теми, адресирани од историска перспектива.
Средбата ќе ја модерира проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, ќе се обрати италијанскиот амбасадор во земјава, Алберто Силвестри, а авторката Мараини ќе се приклучи со видео. Во рамките на средбата, ќе бидат претставени македонските преводи на делата на Мараини, а ќе се зборува и за преводот на романот „Трио“, резултат на преведувачка работилница со студентите од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ, под менторство на м-р Валентина Милошевиќ-Симоновска.