Промоцијата на новиот изложбен простор во фаза реновирање (на бул. „Илинден“ бр. 63) ќе се одржи вечерва во 19 часот пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје
Со изложба во руинираниот и сè уште нереновиран простор кој веќе една година го имаат во своја надлежност, членовите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија ќе се обидат да ја анимираат јавноста и да го свртат вниманието кон важноста на овој објект. Промоцијата на новиот изложбен простор во фаза реновирање (на бул. „Илинден“ бр. 63) ќе се одржи вечерва во 19 часот пред фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк во Скопје. Воедно ќе биде отворена изложбата „Поместени граници“ на реномирани уметници од постарата генерација и на млади македонски автори. Целта на промоцијата е да се привлече внимание и поддршка за реновирање и адаптација на просторот.
Изложбата ќе ја отворат претседателката на ДЛУМ, Јана Манева-Чупоска, претседателката на Уметничкиот совет Маја Рауник-Кирков и ко-кураторот, Стефан Александар Јовановски.
– Целта на изложбата „Поместени граници“ и на целиот настан е активно да ги вклучи членовите на ДЛУМ, сите генерации уметници и целата културна јавност во поддршка за активирање на овој нов простор. Идејата е да го преуредиме во галерија, канцеларија, изложбен простор и простор за работилница. Така ќе го зголемиме неговиот потенцијал и ќе ја подобриме неговата улога во уметничката заедница. Сакаме да ја запознеме јавноста со потенцијалот на овој иден современ културен центар – велат од ДЛУМ.
Во изложбата „Поместени граници“ ликовните уметници ги истражуваат различните конотации на границите, без разлика дали се физички, имагинарни, природни, реални, политички или емотивни, кои ги разграничуваат и завршетоците и почетоците. Ќе бидат уизложени дела од етаблираните автори: Душан Перчинков, Симон Шемов, Коле Манев, Васил Василев, Костадин Танчев-Динка, Ана Темкова и помладите автори: Ана Трајковска, Ана Спасова, Тања Ристевска, Дорина Тенева, Kристијан Јованоски, Игор Tанески и Ана В’чкова.
– Со испитување на тоа како уметниците се движат и предизвикуваат граници, без разлика дали се буквални или метафорични, серијата се обидува да предизвика мисла и дијалог за темите на вклучување, трансформација и меѓусебна поврзаност. Концептот се фокусира на клучната улога на ДЛУМ кое опстојува повеќе од 77 години и може да се пофали со 800 членови во својата истприја, вклучувајќи ценети основачи и наследство на реномирани уметници – велат од ДЛУМ.
Дизајнот на креативата на проектот е дело на Христијан Санев, како и основната идеја на годинешната изложба. Делата всушност ќе бидат изложени виртуелно, заради специфичноста и руинираноста на просторот во оваа фаза. Но, ќе бидат поставени QR-кодови низ просторот преку кои ќе се претстават делата на уметниците.
– Поради моменталната состојбата на објектот и безбедноста, одлучивме да претставиме виртуелна изложба во физичкиот простор. Секој QR-код поставен на различни локации во зградата ќе се поврзе со 3Д претставување на уметноста со зголемена реалност (AR), која го подобрува искуството на гледачот преку потенцирање на дигитална содржина во физичката средина. Преку AR, посетителите можат да ги гледаат уметничките дела виртуелно, како што би се појавиле во завршен и куриран амбиент, и покрај моменталната состојба на физичкиот простор – велат од ДЛУМ.
Од Асоцијацијата објаснуваат дека овој простор претставува значителна надградба од претходните канцеларии на организацијата, кои не само што беа во лоша состојба, туку и не беа достапни за јавноста. Новиот простор, сместен на многу атрактивна област, има значителен потенцијал да прерасне во раздвижен центар со многубројни посетители. ДЛУМ го доби објектот од Владата пред една година.