„Виолин фест“ порасна како дете во кое е инвестирано многу љубов

Владимир Костов, идеен креатор на фестивалот кој годинава се одржа по 10. пат зборува за истрајноста, за љубовта кон виолината што ја негуваат многу млади ученици и талентирани млади луѓе, но и за неговите почетоци во класичната музика

Пишува: Љубица Ангелкова

„Виолин фест“ е единствен проект во регионот од ваков вид. Со самото постоење досега, можам да кажам дека еден од ретките концерти воопшто што го задржува својот континуитет и раст. Класичната музика кај нас, за жал е во криза… шундот и кичот преовладуваат, вели нашиот реномиран виолинист Владимир Костов, идеен креатор на фестивалот кој годинава се одржа по 10. пат. Костов зборува за истрајноста, за љубовта кон виолината што ја негуваат многу млади ученици и талентирани млади луѓе, но и за неговите почетоци во класичната музика.

Годинава се одбележува 10. издание на „Виолин фест“. Како еволуираше фестивалот во изминатата деценија?

– Неколку пати го читам прашањето, сè уште не ми се верува дека помина толку многу време. Во текот на изминатите години се менуваа идеи, додавав нови, прилагодував стари, барајќи оправдување во секоја од нив. Започна со учесници само од Македонија, со текот на времето се отворија можности за соработка со странство. Скромно, првите години започнав со соработка со „Музичка младина на Македонија“ како единствениот двигател и промотор на младите таленти во земјава, а потоа продолжив сам. На моја голема радост, после првиот концерт, веднаш ме прашуваа дали ќе има следната година и за брзо време стана препознатлив. „Виолин фест“ еволуираше, порасна како дете во кое е инвестирано многу љубов, внимание и трпение. Морав да ги задржам критериумите за квалитет за сето ова што го правам да има тежина е уникатна специфика. Се разбра, имаше многу моменти кога размислував да се откажам од различни причини, но, тука е за да постои и да расте.

Како виолинист, многу добро знам како е да се изоди патот на едукација, од нижо, средно музичко училиште и потоа факултет. Нашата професија е многу специфична и се учи од дете, во спротивно резултатите се скоро невозможни, иако има ретки исклучоци. Освен за потребите на наставните програми и училиштата (концерти, натпревари, патронати и сл.) , учениците ретко кога можат да настапат на некој настан, надвор тие обврски. Се сеќавам дека кога мене ќе ме поканеа да свирам некаде надвор од училиштето, бев пресреќен. Гледав дека кај нас има многу талентирани виолинисти. Сакав да направам концерт-спектакл каде сите ќе свират виртуозна композиција, нема да има награди, не е натпревар, нема оценки, не е испит – уживање без стрес! И успеав! Ги распределив по возраст, да се види развојот и талентот кај виолинската школа. Со тоа воедно се прикажува и работата на наставниците, кои макотрпно работат со нив, всадувајќи им ја љубовта кон виолината и музиката. На крајот, успешниот настап и аплаузот е главниот стимуланс да продолжат понатаму. Првите неколку години „Виолин фест“ не беше само во Скопје, имавме настапи и во Штип, Битола и Охрид, во градовите од каде што имаше учесници. Тоа беше многу комплицирано за организација, а и финансиски беше неиздржливо, така што последните години се одржува само во Скопје. Мојата визија беше овој проект да прерасне во меѓународен настан, а најмногу од сè да направам соработка со други вакви проекти во странство и таму да се претстават виолинисти од Македонија, иако во регионов овој е единствен проект од ваков вид.

Споделете ни некои моменти за паметење од претходните изданија на фестивалот?

– Секој концерт има моменти за паметење. Најинтересни ми се малите деца, второ, трето одделение со малите виолинчиња кои едвај можеш да ги наштимаш, а пак децата имаат невидена храброст за јавен насатап, како едвај да чекаат да излезат на сцена. Нешто друго што мене ме радува е нивната дружба позади сцената, разменувањето на контакти, заедичкото создавање спомени… На почетокот, концертите се одржуваа во „Музеј на град Скопје“. Таму просторот е ограничен од многу аспекти: нема место за повеќе луѓе да ги остават инструментите, тесно е, светлото беше слабо, за да ја збогатам сцената јас носев светло во боја, ласери, да биде шарено, да се разигра сцената, се влечеа неколку продолжни кабли за тоа… И пак уживаа сите. Последните години се преселивме во прекрасната камерна сала на Филхармонија. Е таму сè беше поинаку и конечно мојата идеја се оствари. Наместивме светло за секое дете во различна боја, во зависност каква композиција свири. Уживање за очи и уши.

Владимир Костов

Уште нешто што мене ми значеше многу е соработката со СОС Детско село. Таму имав предавање за историјата на виолината со изведба на еден учесник. Радоста на лицата на децата , нивниот интерес и воодушевување да ја допрат виолината, вниманието со кое следеа, радоста… не се опишува.

Колку е комплицирано да се создаде традиција за некомерцијален фестивал како овој кај нас?

– Kај нас во денешно време сè некако станува комплицирано. Можеби правилен збор би бил напорно за организација, а комплицирано во административниот дел. На човек некогаш му преседнува од вршење на бирократски работи во најголем случај се тотално небитни. Генерално на проектите се гледа повеќе за личен профит, отколку да се направи нешто квалитетно и нешто што ќе се памети и ќе трае. Ако гледав на овој проект исклучиво како нешто за лична афирмација и профит, немаше до сега да постои. Младите виолинисти ми се најбитни, тие да имаат каде да се искажат. Идејата ја добив во 2012 година. Од самиот почеток имав голема поддршка од сите музички училишта и сум многу благодарен бидејќи ја прифатија мојата идеја. Последните неколку години од голема помош е мојата долгогодишна соработничка Марија Вршкова како пијанист-корепетитор, која своето долгогодишно искуство го споделува на сцена со младите виолинисти, давајќи им огромна поддршка и сигурност во настапите

Како започна Вашето патување со виолината? Дали тој инструмент беше првиот избор од детството?

– Виолина започнав да учам од 5 години и тоа беше единствениот инструмент што ми беше понуден. Не згрешиле. Не се ни сеќавам дали сум сакал нешто друго, едноставно како да е дел од целиот мој живот, како дел од телото. Во музичкото училиште во Битола ме запиша стрико ми, а моите родители безрезервно ме поддржуваа и ме охрабруваа кога ми беше тешко. Свирењето виолина бара огромни откажувања, фокус и работа. Во денешно време е херојство на дете да му задржиш вниманине и да го оттргнеш од телефон. Затоа сите учесници на „Виолин фест“ ги сметам за мали херои.

Имав огромна среќа што во музичкото училиште во Битола имав исклучителни наставници. Музиката и знаењето за музичката уметност воопшто ни го всадија во секоја клетка. Не се сеќавам некогаш да сум се пожалил дека нешто ми е тешко. Сè ми имаше некако природен тек. Завршувањето на студиите во Скопје, патувањата на семинари и оркестри, во сè наоѓав уживање. Не пропуштав концерти никогаш. Бевме такво друштво, сите уживавме во тоа, растевме и се оформувавме како личности со музика.

Каков совет би им дале на младите виолинисти кои се стремат кон кариера во музиката?

– Да зборувам за вежбање, истрајност и талент е клише, тоа се подразбира. Но, едно би кажал, да ја запознаат музиката во сите сфери, да слушаат музика и да читаат многу. Да не пропуштаат концерти. Така се гради свој стил, размислување и се реализираат како личности и уметници, а не музиката да ја восприемат како занает. Да се трудат да бидат самокритични и да не дозволат суетата да им ја покрие убавата страна од личноста. Да се трудат да израснат во вистински уметници и да не се откажуваат

Како ја гледате улогата на класичната музика и настаните како „Виолин фест“ во денешниот културен пејзаж?

– „Виолин фест“ е единствен проект во регионот од ваков вид. Со самото постоење досега, можам да кажам дека еден од ретките концерти воопшто што го задржува својот континуитет и раст. Класичната музика кај нас, за жал е во криза… шундот и кичот преовладуваат. За значењето на класичната музика во една држава не би зборувал, тоа се знае. Мора на младите од многу рано да им се всади желбата за уметност воопшто, за културата, па на крај на класичната музика. Не мора сите да станат уметници и музичари, но секој мора да вкуси барем дел од убавината. „Виолин фест“ ја има токму таа цел, меѓу другото… На младата публика да ù разбуди интерес кон класиката, гледајќи ги виолинистите на сцена.

Како секоја година ги избирате изведувачите за „Виолин фест“? Што годинава донесе фестивалот?

– „Виолин фест“ продолжи со истиот концепт, но со акцент на јубилејот 90 години од раѓање на истакнатите македонски композитори Драган Шуплевски и Томислав Зографски. Настапија 12 виолинисти од различна возраст, од 2 одделение до 4 година. Некои од учесниците свиреле и порано, па вака може да се види и нивниот раст, колку и што постигнале во изминатиот период. Настапија ученици од Македонија, од Србија и од Кралскиот колеџ во Лондон. Како што кажав претходно, имам прекрасна соработка цо наставниците и тие веќе знаат точно што да ми понудат. Некои деца ги слушам лично на концерти и натпревари па имам претстава со што би располагал. Гледам доколку е возможно да има нови таленти.

Можете ли да споделите приказна или искуство од минатите соработки што беше особено значајно за Вас?

– Би се навратил на соработката со СОС Детско село, тоа ми беше едно уникатно искуство. Уште едно искуство што би го спомнал е моето членство во жирито на познатиот меѓународен натпревар „Охридски бисер“. Таму имав можност да чујам фантастични виолинисти од секаде,и на моја покана учествуваа на „Виолин фест“.

Како реномиран виолинист, како го балансирате распоредот на настапи со организирање на еден ваков голем фестивал?

– Уф… не знам навистина… Понекогаш изгледа невозможно, но некако успевам… Најтешко ми е што не можам многу работи да планирам, сè зависи од крајот на школската година, кој свири, како свири, дали ќе сака да свири, колку финансиски ќе можам да го изменаџирам… Тешко е во секој случај, особено дека сето ова го правам сам. Морам да го смислам датумот да одговара за сите, да направам програма да не се поклопуваат исти дела, да организирам престој за гостите… И сето тоа се случува неколку недели пред настанот, не може да се планира ништо пред време.

Како останувате инспириран во еднаваква средина и продолжувате да растете како уметник?

– Не сум инспириран, но сум упорен и се трудам да ги изолирам од главата сите неубави нешта што ми ја одземаат енергијата, колку што е возможно. Ја сакам многу музиката и професијата и тоа што го правам го правам за мое задоволство. Во спротивно, не би правел ништо. Имам неколку хобија, уживам да читам нови работи, да гледам и слушам нешто ново на интернет, да се видам со пријатели… Некако тука ја наоѓам инспирацијата. Да се восприемат убавите нешта со сите сетила и да се спојат со начинот на живот, мислам дека така се расте како уметник.

Фото: Маја Аргакијева

Сподели