Сакам сè во врска со балетот. Мојот сон е да станам професионална балерина. Си замислувам да настапувам на светски сцени и верувам во тоа дека ќе биде многу успешна, вели Виола Имери, која е дел од серијалот „Идолите на Халки“

За 12-годишната Виола Имери секојдневната маршрута на релација Куманово – Скопје не претставува никаков проблем, зашто така таа го прави тоа што сака. Веќе две години учи класичен балет во училиштето за балет „Булфрогс“ од Скопје. Започнала на 5 години со модерен танц, но кога нејзината мајка увидела колку е таа еластична и дека е талентирана и за класичниот балет, одлучила да направи важен чекор. За жал, во Куманово немало услови за да ја изучува оваа уметност и нејзината мајка Влора одлучила да направи сè што може за да и помогне на својата ќерка.

– Балетот го сакам од мала. Еластична и флексибилна сум и имам голема поддршка од семејството. Уште кога бев мала, дедо ми ми носеше од Швајцарија разни балетанки, фустани за балет и слично. Многу сум среќна што ги најдовме „Булфрогс“. Овде наставниците се многу добри, нè мотивираат и сите сме како семејство – вели Виола.

Таа е една од 12-те деца што се опфатени во проектот „Идолите на Халки“, кој внимание посветува на талентирани и надарени деца од цела земја, во различни области. Виола вели дека не ѝ е никаков проблем што мора секојдневно да патува.

– Многу го сакам балетот и затоа не ми е тешко. Сакам сè во врска со балетот. Мојот сон е да станам професионална балерина. Си замислувам да настапувам на светски сцени и верувам во тоа дека ќе бидам многу успешна – вели ученичката во седмо одделение во ОУ „Барјам Шабани“.

Освен што е посветена на балетот, Виола учи да свири и пијано. Сака да гледа филмови, да чита книги, а следи сè што може за балетската уметност. Многу го сака анимираниот филм „Балерина“, а особено ја фасцинира девојчето главен лик во филмот –  балерина од многу сиромашно семејство и нејзината мајка многу се трудела за таа да постигне сè што сака.

На прашањето дали има навика да штеди, таа вели:
– Секогаш си штедам, кога бев мала штедев за играчки. Сега штедам за да ѝ помогнам на мајка ми, да нема многу трошоци.

Наскоро треба да почне да се натпреварува, а и нејзиниот балетски педагог Александра Никифоровски вели дека таа е веќе подготвена за тој чекор.

– Виола е исклучително дете и за мене е големо задоволството што работам со неа и со нејзината група, тоа е прекрасен склоп на деца. Иако дел од нив се заедно од мали, Виола одлично се вклопи во таа приказна. Но, самата ѕвезда што ја има таа, не може да не се забележи. Верувам дека ќе се забележи нејзиниот талент, нејзината внатрешна убавина. Тоа што патува секој ден од Куманово за Скопје е голем поздрав за нејзината мајка која прави големи жртви. Јас сум тука како нејзин педагог да се вклучам во секаква ситуација и помош и уживам додека работам со неа и се надевам дека ќе ја видам на светските сцени и ќе плачам додека ја гледам – вели таа.

Во јуни Виола ќе учествува на натпревар и прв пат ќе игра дуо заедно со нејзината соученичка.
– Понатаму би сакала да заминеме некаде во Европа. А в година да почнеме секој со своја варијација. Целта е да се излегува надвор, да се посетуваат квалитетни натпревари и на децата да им се отвори патот – вели Никифоровски, која го води училиштето 13 години.

Како изгледа еден ден на Виола? Нејзината мајка вели дека кога е на училиште, се враќа, се спрема брзо и тргаат за Скопје.
– Вежба час и половина, а понекогаш и по 3-4 часа. Таа многу го сака ова и не ѝ е тешко, дури и дома кога се враќа, продолжува да вежба. Јас сум самохрана мајка, Виола има и брат. Морам да признаам дека прво гледам за Виола, па после за се друго. Сепак, без поддршката на семејството, не можеме да постигнеме ништо. Одлична е и во школо, посветена е, се надевам дека ќе продолжи, не мора да ги има сите петки, ама таа сака да биде дури и најдобра – вели Влора.

Виола на своите врсници им препорачува дека кога се сака, сè се може.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.