„Вилицата на Ибен Бајерс“ на 1 февруари во МКЦ

Претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ во режија на Борис Василески, а продукција на театар „Штрих“ ќе биде изведена на 1 февруари во 20 часот во салата „25 Мај“ во Младинскиот културен центар. Претставата се враќа пред публиката по две години од последната изведба и од учеството на фестивалот БИТЕФ. Улогите ги толкуваат: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли, Јанка Лефкова.

Сценографијата е на Ненад Тонкин, костимографијата – на Марта Дојчиновска, музиката – на Сашко Костов, а драматургијата – Стефан Миленков. Продуцент е Андреа Маркоска.

Во мракот на фабриките за часовници, нешто неприродно светли. Младите работнички ги лижат четките, бележејќи радиумски бројчаници – им кажале дека е безопасно, дури и здраво. Нивните фустани светат кога одат дома. Нивните усни. Нивната коса. Тоа е магија, мислат тие. Радиумот е чудо на 1920-тите – во крема за лице, во чоколадо, во пијалаци што ветуваат енергија и виталност. „Вечна сончева светлина“- го нарекуваат. Научниците добиваат Нобелови награди за него. Богатите го пијат во скапоцени шишиња, а работниците го бележат за пари.

Ибен Бајерс, харизматичен индустријалец, шампион, човек кој секогаш добива што сака – ја наоѓа својата опсесија во зелениот еликсир наречен „Радитор“. Едно шише. Сто шишиња. Илјада и четиристотини шишиња. Чувството на моќ е неодоливо. Но радијацијата не разликува класа, пол, ниту амбиција.

Коските на младите девојки почнуваат да се распаѓаат. Вилицата на Бајерс отпаѓа парче по парче. Она што светеше во мракот, сега свети од нивните гробови – радиоактивни останки што ќе трајат илјадници години.

„Вилицата на Ибен Бајерс“ ги преплетува овие две вистински приказни во едно мистично театарско искуство – застрашувачко сведоштво за извонредниот подем и трагичниот пад на човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност.
Паралелно со приказната на Ибен, радиумските девојки ја раскажуваат своја приказна обоена во црно од зелениот еликсир, создавајќи моќен општествен коментар за цената на неконтролираната амбиција и кревкоста на човечкото постоење.
Со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува длабоко во темнината што се крие зад навидум непобедливата аура на протагонистот, истражувајќи хибрис и трагедија што даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми.

 

Сподели