„Видете нè колку нè има. Сите за МКЦ“ порака на музичкиот фестивал „Земјотрес“

На музичкиот фестивал „Земјотрес“, што се одржа на 4 февруари, неформалното движење „Сите за МКЦ“ повторно го изрази својот револт. Преку герила акција, движењето продолжи да се спротиставува на енормното кратење на програмскиот буџет на Младинскиот културен центар за огромни 84% во споредба со претходната година, како и на нерегуларното назначување на новиот в.д. директор.

– За време на настапот на Дина Јашари, нашето движење пушти големо платно со порака „Видете нѐ колку нѐ има. Сите за МКЦ” која беше еуфорично прифатена од присутните. Платното го држеа над себе десетици луѓе, додека Дина Јашари ја изведуваше песната „Дома“ адаптирана со текст „Мојот дом е таму каде што е МКЦ“. По акцијата, платното беше оставено во главниот ходник каде остана до крајот на вечерта. За време на фестивалот исто така се делеа беџови и стикери со илустрација од Малиот Принц и QR код до онлајн петицијата на Сите за МКЦ преку препорачани донации – велат од движењето.

Дополнително, како дел од акцијата, голем дел од артистите и бендовите свиреа пред видеобимови со пораки како „Ова е нашето МКЦ“, “МКЦ е нашиот дом, вчера, денес и утре”, „Земјотрес за МКЦ“ и варијација на последната порака со имињата на бендовите кои изразија поддршка за акцијата.

Насловна фотографија: Зденко Петровски

 

Сподели