Вида Меиќ, менторка на Графичка работилница „Софија“: Во Богданци имаме одлично гостопримство и услови за работа, корисни за секој студент

Работењето заедно овозможува размена на техники и специфични пристапи, а секој учесник се враќа дома со нови знаења и идеи – вели хрватската графичка уметница Вида Меиќ, која е дел од менторскиот тим на Графичката работилница „Софија“ во Богданци

Вида Меиќ е младa графичкa уметниca што постојано го истражува полето на графиката и нејзините изразни можности. Во нејзината уметничка практика таа често се осврнува на значењето на грешките и случајностите, како и на нивното влијание врз создавањето на уметничкото дело. Во овој разговор, Меиќ споделува интересни моменти од своето творештво, предизвиците со кои се соочила како млад уметник, како и нејзините искуства од работа со млади уметници и учеството на графичките колонии.

Во вашите дела често ги истражувате изразните можности на графичките техники, со посебен акцент на грешките и случајностите. Можете ли да споделите конкретен пример каде што грешка или случајност ви донела неочекуван успех?

– Во текот на студиите на Академијата за ликовни уметности во Загреб, истражував можности во традиционалниот длабок печат на графичкиот медиум. Во желба за подобро познавање на техниката, одлучив понекогаш намерно да провоцирам грешки, бидејќи само така можев целосно да ја разберам и совладам техниката. На пример, кога видов како азотната киселина ја гравира мрсната цинк-плоча, тогаш научив зошто таа мора да биде добро одмастена и како материјалите меѓусебно реагираат.

Грешките ги провоцирав паралелно со набљудувањето на случајно настанатите дамки од секојдневието. Отсекогаш имав голема почит кон случајни гребнатини, нерамнини на ѕидови, корозија и валканост. Во тие несакани појави откривам совршенство на визуелните елементи – хармонија, живот и убавина.
Набљудуваната реалност и случајните дамки не можат да се копираат, па затоа се обидувам да ги пренесам нивните законитости на графичката плоча. Како што ерозијата на материјалите во реалниот свет овозможува бесконечен спектар на дамки, така и ерозијата на цинк-плочата овозможува создавање уникатни обрасци во графиката. Во текот на создавањето, случајните и намерните грешки станаа начин за развој на иновативни процеси, но и за утврдување на постоечкото знаење, носејќи одлуки за прифаќање или корекција на грешките.

Како ја гледате улогата на графиката во светот на современата уметност и кои се можностите за иновативност во графиката како израз?

– Графиката игра значајна улога во современата уметност како медиум кој овозможува истражување, експериментирање и тестирање на границите на уметничкиот израз. Таа носи спонтаност, случајност и прифаќање на непредвидливоста на материјалите и техниките како дел од креативниот чин. Но, во современиот уметнички контекст, клучно е свежината на идејата, способноста за реагирање на актуелните ситуации и општествени феномени, како и длабокото промислување на индивидуални и глобални прашања.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте како млад уметник во Хрватска и како ги надминавте?

– Најголемиот предизвик, според мене, е времето. Скоро сите уметници, покрај својата уметничка пракса, имаат и „вистинска“ работа која им овозможува финансиска стабилност, но остава малку време за посветеност на сопственото творештво. Недостигот на време и фокус е постојан, но сметам дека ова е предизвик за многу области, не само за уметноста. Има уметници кои живеат исклучиво од својата уметност, но тие се во малцинство. Продажбата на уметнички дела од млади уметници не е уредена и систематизирана. Затоа, многумина работат дополнителни проекти и ангажмани, балансирајќи помеѓу нивните обврски и уметничката пракса.

Какво беше вашето искуство на Графичката колонија „Софија“ во Богданци, на која учествувавте како студент? Дали овие работилници нудат нешто ново и различно од формалното образование на академиите?

– Секако, неформалниот тип на образование е неопходен за секој млад уметник. Ова ми е трет пат да учествувам во работилницата „Софија“ во Богданци – првиот пат во 2014 година, кога водев детска работилница, потоа во 2017 како студентка на графичката работилница, а сега како менторка.
Искуството е позитивно од многу аспекти – освен одличното гостопримство и услови за работа, особено е корисно за секој студент да запознае колеги од регионот со истиот ентузијазам за медиумот. Работењето заедно овозможува размена на техники и специфични пристапи, а секој учесник се враќа дома со нови знаења и идеи.

Што ве инспирира во работата со млади уметници и што би сакале тие да научат од вас?

– Она што најмногу ме инспирира е нивната свежина, радоста на создавањето и ентузијазмот кој е заразен. Сакам да ги поттикнам да размислуваат слободно, да не гледаат граници во медиумот и да не се плашат да експериментираат.

Како тече процесот на соработка со други уметници од различни области и колку тоа влијае на вашите индивидуални дела?

– Соработката со уметници од различни области може значително да го збогати индивидуалното творештво. Таа носи размена на идеи, техники и пристапи, што инспирира нови проекти и иновации. Работата со млади уметници создава заеднички простор за учење и истражување, што често резултира со синергија која го развива уметничкиот процес.

На што треба да се фокусираат младите графичари кога го развиваат својот уметнички сензибилитет и оригиналност?

Младите графичари треба да се фокусираат на истражување на сопствените интереси и на личниот израз. Преку експериментирање со различни техники и материјали, можат да го збогатат својот сензибилитет. Важно е да не се плашат да ги истражуваат границите на сопствените способности и да се поврзат со колегите.

Сподели