Весна Петрушевска: Сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан!

Со театарска претстава што ќе биде изедена на 26 март во 12 и во 14 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, посветена на Горан Стефановски, Актерската школа на Весна Петрушевска, КМК Продукција и МНТ ќе оддадат почит на еден од најзначајните и најизведувани македонски драмски автори.

Ќе учествуваат учениците од актерската школа на Весна Петрушевска. Од продукцијата најавуваат дека првите две изведби се веќе распродадени, а наредната е на 9 април.

Горан Стефановски е македонски драмски автор, универзитетски професор и академик. Претставник е на модерната македонска драматургија и автор е на сценарија за ТВ серии, ТВ филмови и драми. Драмските дијалози во неговите дела и по 30 години ја отсликуваат актуелната стварност во Македонија.

– Горан е често име на нашите простори изведено од именката гора, но исто така со значение голем и силен. Таква е нашата љубов кон Горан, силна, огромна, истрајна и посветена. Можете лесно да паднете во неговата стапица на зборови. Децата од актерската школа лесно го разбираат и нивниот поттекст е прецизно точен. Јас сакам секое дете да знае барем по еден монолог на Горан. Така живее само онолку колку го зборуваме. Ние немаме друг Горан. Имаме само еден! Храбар, бескрајно талентиран, точен, шармантен и полн со љубов – истакна Весна Петрушевска.

Стефановски е изведуван на сите македонски сцени, потоа во сите некогашни југословенски културни центри (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад, Ниш, Титоград (Подгорица), итн.), како и во големите театарски центри во светот: Париз, Будимпешта, Лондон, Софија, Москва, во повеќе градови во САД, во Брезно во Словачка, во Лоѓ во Полска, Антверпен во Белгија, Стокхолм итн.

За првпат ќе се слушнат на сцена неговите генијални текстови од книгата „Стапица“. Таа книга ги содржи сите тајни на драмскиот занает и на приодот кон создавање и градење лик. Во вистинска смисла на зборот за еден актер предизвик, за малите актери мисловен и актерски предизвик и задача. Горан е нашиот идентитет, нашиот најдобар драмски писател. Театарот немаше да биде ист ако не постоеше Горан. Горан е љубов – додаде Петрушевска.

Сподели