Чувствувам огромна радост што нашиот најнов проект за подобрување на дигиталните вештини е насочен превенствено кон жени и млади од ранливи категории, за кои, во соработка со програмата RECONOMY обезбедуваме скоро целосна стипендија за комплетна академска програма во оваа област – вели Иваноска, генерална менаџерка на СЕДЦ
Ковид-пандемијата само ги потврди и ги забрза новите трендови кои целосно го променија начинот на кој функционираме, работиме, заработуваме, трошиме. Фриленството како начин на самовработување и досега беше одлична алтернатива на конвенционалното засновање работен однос. Сега повеќе од кога било не е само актуелно и доходовно, туку и многу практично, особено за жените и мајките кои според сите анализи беа посилно погодени од пандемијата – вели Весна Иваноска, генерална менаџерка на Сеавус едукативен и развоен центар. СЕДЦ е водечки тренинг центар во Македонија и регионот, специјализиран за академски програми и обуки во областа на информатичката технологија, дизајнот и бизнис менаџментот.
Весна Иваноска, генерална менаџерка на СЕДЦ
Во наредните четири месеци главен фокус на вредниот тим на СЕДЦ ќе биде проектот кој ќе биде одлична можност за млади и за жени од ранливи категории да се стекнат со подобри дигитални вештини и да бидат поконкурентни на претприемачкиот пазар.
СЕДЦ влегува во нов проект – овојпат насочен кон жените од ранливи категории и отворање на можноста за подобрување на нивните дигитални вештини. За што поточно станува збор?
– Во својата долгогодишна работа СЕДЦ отсекогаш се грижел нашите програми да бидат достапни до што е можно поголема целна група. Така, покрај продажбата на нашите академии и обуки, редовно обезбедуваме стипендии за талентирани кандидати, стипендии за жени и девојки, а во соработка со институции и донаторски организации и субвенционирани програми за доквалификација и преквалификација.
Чувствувам огромна радост што нашиот најнов проект е насочен превенствено кон жени и млади од ранливи категории, за кои, во соработка со RECONOMY обезбедуваме скоро целосна стипендија за комплетна академска програма во областа на дигиталниот маркетинг. RECONOMY програмата финансирана од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) имплементирана од HELVETAS и IMPACT Foundation, со поддршка на ваквите проекти има за цел да стимулира раст и поголема компетитивност на бизнисите и секако како зајакната работна сила, подобри плати, особено меѓу жените, младите и другите ранливи групи.
Моделот на финансирање што го нудиме е следен: СЕДЦ и RECONOMY покриваат 80 отсто од сите трошоци за академијата за дигитален маркетинг, а остатокот кандидатките се обврзани да го покријат сами, со одложено плаќање до крајот на 2022 година.
Кој сè може да се пријави на вашата академија, да биде дел од проектот и кога би се реализирала програмата?
– Проектот е наменет невработени жени и девојки од ранливи категории, помлади од 29 години, со напомена дека предност ќе имаат кандидатки од внатрешноста на земјава (надвор од Скопје). Планирано е истиот да трае 4 месеци, односно ќе започне кон крајот на годинава, а би завршил до април 2022. Со проектот, за почеток (во пилот-фазата) ќе бидат опфатени 20 стипендисти. Покрај делот насочен кон стекнување на компетенции од областа на дигиталниот маркетинг, стипендистите ќе имаат дополнителни обуки од областа на фриленството и меките вештини.
Повикот официјално ќе биде отворен на 30 ноември за што ќе следат повеќе информациi и насоки за аплицирање.
Весна Иваноска
Фриленсерството станува начин на живот на сè повеќе луѓе и во Македонија. Колку ковид-пандемијата ни ги отвори очите и можностите за професионални усовршувања и достапност на работите, без разлика каде сме?
– Еден од главните мотиви за оваа програма беше токму тоа, потребата од постојано прилагодување на работните места, промена на работните модели и ангажмани и секако стекнување со дигитални вештини кои денес се предуслов за пазарна конкурентност. Ковид-пандемијата само ги потврди и ги забрза новите трендови кои целосно го променија начинот на кој функционираме, работиме, заработуваме, трошиме. Фриленството како начин на самовработување и досега беше одлична алтернатива на конвенционалното засновање работен однос. Сега повеќе од кога било не е само актуелно и доходовно, туку и многу практично, особено за жените и мајките кои според сите анализи беа посилно погодени од пандемијата. Токму затоа, оспособувањето на оваа категорија во областа на дигиталниот маркетинг како област која станува сè поатрактивна и многу барана кај работодавачите е нашиот начин да дадеме придонес кон професионалното, а со тоа и економското јакнење на жените од ранливи категории.
Лично сметам дека не постои подобар, поодржлив начин да помогнете некому.
Каков предизвик беше за вас да се справите со ковид-пандемијата и сите нус-појави и рестрикции што ги донесе таа? Сепак, работите директно со студенти, се знае дека наставата во живо е најдобра опција.
– Ковид-пандемијата беше голем тест за многу бизниси. Таа на површина ги извади нашите слабости, но покажа и колку сме отпорни, колку сме жилави и спремни да се избориме за својата мисија. Многу сум горда како во СЕДЦ се справивме со овој досега најголем предизвик за нас. Нашиот тим кој брои повеќе од 80 активни тренери и ментори посветено работи на студентите буквално ништо да не им недостига и покрај големата промена. Квалитетот на наставата и програмата и нејзината релевантност кај домашните и странските компании останува наш најголем приоритет.
Развивме нова методологија, активиравме електронски системи за менаџирање на наставата, а сепак останавуваме доследни на секојдневната жива интеракција со студентите за кои сме достапни буквално 24/7.