„Вештачката интелигенција и културата: Револуција или еволуција?“ е насловот на дебатата која утревечер во 19 часот ќе се одржи во Europe House Скопје. Настанот ќе го отвори францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер. Ќе учествуваат Жан-Габриел Ганасија, професор по информатика на Универзитетот во Сорбона и автор на десетина книги, вклучувајќи ја и последната, „Вештачката интелигенција објаснета на луѓето“ (2024), проф. д-р Андреа Кулаков, професор на Факултетот за информатика и компјутерски технологии и Илија Тирицовски, продуцент, кој ќе го претстави проектот „РеKреирање на иконите“.
Модератор на дебатата е Филип Аврамчев, организатор на Меѓународниот самит за вештачка интелигенција, којашто се одржа лани во Скопје.
Дебатата ја организираат Францускиот институт во Скопје и Факултетот за информатика и компјутерски технологии во рамките на 10. издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“. Дискусијата ќе се фокусира на тоа дали вештачката интелигенција може да создаде оригинална уметност или само ги репродуцира постоечките модели, дали може да ги замени уметниците и писателите или, пак, да служи како алатка која ја поттикнува иновацијата, потоа како да се дефинира улогата на авторските права при дела создадени со помош на ВИ, како и на начинот на кој оваа технологија може да ја демократизира глобалната пристапност до културата и уметничките дела.





