Потенцијалите за овој сектор во Македонија се огромни, многу фирми работат и извоз за други држави. За жал недостигаат работници, проектанти, инженери, недостигаат мајстори, вели Пренда
Стеротипот дека машините и прашините се машка работа не ја поколебале Вера Пренда да се откаже од својот сон и да работи во областа на производство на мебел и припрема за машини. Средношколката која мислела дека сака да стане архитект за една година ги сменила своите планови и се префрлила на Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер. Денес живее на планина во куќа изработена од природни материјали каде дрвото е најзастапено, има одржано повеќе од 5.000 обуки, има своја компанија која оди во нагорна линија и никогаш не би ја менувала својата професија.

Вера Пренда
Дипломиравте на Факултет за дизајн и технологија на мебел и ентериер (ФДТМЕ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како почна Вашиот интерес да студирате нешто поврзано со дрвната индустрија?
– Да, јас сум дипломиран инженер по дрвна индустрија или како што ме викаат по дома – дрвен инженер. Се започна уште во средно образование каде што мислев дека сакам да сум архитект и првично се запишав на Архитектонски факултет во Скопје. Во еден момент на Архитектонски факултет имавме задача да изработиме макета за објект за домување и додека сите мои колеги беа целосно посветени на изгледот на самиот објект јас некако повеќе се посветив на самиот мебел наместо на објектот. Во тој момент дојде до мене нашиот асистент и некако низ шега ми ја внесе идејата дека би била посреќна и поуспешна во делот со изработка и дизајн на мебел отколку со архитектура и навистина бил во право. После една година се префрлив на Факултет за дизајн и технологија на мебел и ентериер.
Како се одвиваше Вашата кариера по дипломирањето?
– Уште пред да дипломирам имав среќа да се вработам во фирма којашто изработува мебел. Во тој момент во фирмата имаше отворено позиција за проектант на мебел во канцеларија и позиција за во производство за подготовка и програмирање на CNC машини, па за време на разговорот ме прашаа на која позиција сакам да започнам. Во тој момент одлучив дека е најдобро да започнам со производство, зашто воопшто не се чувствував спремна да проектирам мебел кога не знаев ништо поврзано со реалноста за тоа како се изработува мебел. Се сеќавам дека одговорив само: „Ако сега ми дадете задача да нацртам плакар, поверојатно е дека ќе излезе кревет“. И така почнав со производство на мебел и со припрема за машини. Мислам дека тоа ми е најдобрата одлука што ја донесов тогаш, бидејќи од првиот момент се вљубив во машините и креативната слобода којашто тие ја овозможуваат. Од тој момент и од таа фирма во наредните 6 години сменив уште 4 работни места каде што имав и успеси и многу грешки, ама со многу труд и со огромна желба почнав да се развивам професионално многу брзо. Некако ми се наредија коцките, учев од едни од најдобрите мајстори, го пронајдов тоа што го сакам и се трудев повеќе од што мислев дека можам, а со тоа стигнав и до основање моја фирма.

Моментално имам сопствен бизнис поврзан со дрвната индустрија, соработник сум со Corpus Software и сум сертифициран обучувач за сите нивоа на обуки којшто самиот софтвер ги нуди, како и поврзување на Corpus со CNC машини. Исто така работам и со обуки за дрвна индустрија, стандардизација на производство, консултација за проекти и припрема за CNC машини.
Што поконкретно овозможува Corpus Software?
– Најдоброто нешто што ù се случило на дрвната индустрија во светот! Софтверот овозможува изработка на проект без никаква грешка од самиот старт на проект, па до негово монтирање. Имам работено на повеќе од 15 различни софтвери за дрвна индустрија, од софтвери за проектирање на мебел во 2D, рачно пресметување на димензии, софтвери за оптимизација на плочест материјал, софтвери за програмирање на CNC машини, софтвери за 3D визуализација, за пресметка и припрема за техничка спецификација во производство. Со Corpus Software сево ова е на едно место, проектите се прецизни, точни, навремени. Брзината на изработка на еден целосен проект, од замислата до монтажата со Corpus Software и без него се смета во денови.

Самиот софтвер во позадина има еден голем тим, којшто секојдневно работи на подобрување на самиот софтвер и зголемување на опциите за сè полесно и побрзо изработување на проектите, а со тоа и олеснување на нашите клиенти. Искрено, голем дел од корисниците после краток период работа тврдат дека им е главна алатка за работа и дека не би се вратиле на стариот начин на работа. За мене овој софтвер е најголема професионална љубов. Мислам дека во изминатите 8 години не е поминат ден да не го вклучам и да не пробам да направам нешто ново и различно во него. Со Corpus вистина Sky is the limit кога станува збор за дрвната индустрија.
Какви се потенцијалите во овој сектор во Македонија? Колкав е пазарот на компании кои се вклучени во дрвната и преработувачката индустрија, каде се најмногу сконцентрирани?
– Потенцијалите за овој сектор во Македонија се огромни, имаме многу компании коишто се вклучени во целиот овој систем, почнувајќи од компании коишто нудат само 3D визуализација, само разработка, монтажи, компании чија дејност е само услужна, до компании коишто нудат целосна услуга. Во Македонија има компании коишто изработуваат мебел во серија, мебел по мерка, гарнитури, столови, маси итн. Имаме огромен потенцијал во целата индустрија, многу фирми работат и извоз за други држави.

За жал недостигаат работници, проектанти, инженери, недостигаат мајстори. Самото пласирање на можностите кај младите лица за оваа индустрија е оскуден и едноставно на моменти незаинтересираноста е поголема од заинтересираноста.
Какви се условите за работа за една 30-годишна жена во оваа професија? Со какви предизвици се соочувате, раскажете ни некоја анегдота?
– Условите за работа во последните години се подобрени ама секогаш може и подобро. На пример и мене ми се случи да бидам избркана од работа бидејќи бев бремена ама мислам дека регулативите сега се променети и се надевам дека тоа веќе не е честа појава. И покрај сè, јас уживам во ова што го работам, можноста да обучувам луѓе и да го извадам нивниот максимум е повеќе од доволно за да си ја сакам работата. Нормално дека секоја работа има предизвици, на почетокот најмногу се соочував со негодување поради тоа што сум женско, а некако во нашиот менталитет производството, машините и прашините се „машка“ работа. На моменти ми било смешно, на моменти воопшто не, ама за среќа дома сум порасната со 4 жени, 5 ако ја сметаме и мачката и еден маж, така да знаев дека таа поделба не постои реално и благодарение на тоа никогаш не ни помислив да се откажам. Обуката е исто така предизвик сама по себе. Од едната страна сум секогаш јас, а од другата се различни луѓе, различни карактери со различни очекувања. Објаснувањето и пренесувањето на знаење мора да биде приспособено според нивото на знаење и искуството во индустријата за секој клиент посебно. И по повеќе од 5.000 одржани обуки, (веќе престанав да бројам), сè уште имам некоја позитивна трема, особено пред првото предавање. Убавината во целата моја професија е што запознавам многу нови луѓе, прекрасни луѓе со коишто и после 4-5 години од обуката сè уште одржуваме контакти и сме блиски пријатели.

На една од обуките
А анегдоти има многу, особено пред одмори кога сме уморни од сè и ни треба одмор, така и се одржуваме во живот, ама секогаш најмила ќе ми биде една уште од самиот почеток на мојата кариера. Тогаш бев целосно посветена на работата и мојот напредок, некако немав време за дружење и шетање и колегите секогаш ми велеа дека ако не си најдам дечко на работа, нема никогаш да си најдам. Така и беше. Спремавме извоз за странство и мојата машина реши дека ќе се расипе баш тогаш, нели мора кога е најтесно. Не знам дали сте забележале, ама во Македонија сè треба да е готово за вчера:) Тогаш се појави на сервис еден дечко, не кликнавме од прва, не беше принцот на бел коњ ама беше принцот со куфер алат спремен за да ја среди мојата машина.

По една година започнавме врска, а сега, после 7 години заедно живееме на планина, во куќа изработена од природни материјали, во којашто нормално дрвото е најзастапено.
Спомнавте дека сте активни и во други области во дрвната индустрија…
– Да, освен Corpus активна сум и со обуките за дрвна индустрија, за сега обуките се посветени на плочести материјали и изработка на мебел од нив. Во текот на моето работно искуство често забележував дека основните познавања за оваа гранка од индустријата не се задоволителни. Тоа создава револт и кај вработените и кај работодавците. Секогаш постои тој пробен период каде што очекувањата се високи, а притисокот врз новите вработени е огромен. Тогаш добив идеја да направам обуки коишто ќе го симнат товарот од двете засегнати страни, каде што секој ќе има можност да ги научи основите, стандардите и генерално целиот процес на изработка на мебел.

На тој начин луѓето ќе имаат поголема самодоверба кога ќе почнат на некое работно место и нема да се чувствуваат изгубено како мене кога прв пат ќе се соочат со реалноста како навистина овој процес изгледа. За сега интересот за обуките има, многу луѓе сакаат да го надградат своето знаење и да направат нешто плус за својот успех и кариера. Има случаи и кога самите компании вработуваат луѓе без познавање во дрвната индустрија, па јас работам со нив до степен кога се спремни сами да изработат проект. Се надевам дека и ќе продолжи интерес и за оваа област и заедно со компаниите со кои соработувам ќе ја донесеме дрвната индустрија на повисоко ниво и ќе имаме повеќе млади лица коишто ќе бидат задоволни, успешни и своите вештини ќе ги користат во Македонија бидејќи навистина има простор за развој и просперитет има простор за развој и просперитет.

Куќата на плани





