Велешката „Татко“ го отвора 31. Фестивал „Ристо Шишков“ во Струмица

Претставата „Татко“ во режија на Ненад Витанов, а продукција на Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“, вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица ќе го отвори 31 издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Десет претстави од Македонија, Бугарија и од Словенија ќе бидат дел од програмата на фестивалот што ќе трае до 13 септември.

За наградите ќе одлучуваат: Дарја Ризова, минатогодишната победничка, Иван Додовски, писател и професор н ФДУ и актерката Мими Таневска. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на големиот актер и парична награда во износ од 1.500 евра.

Утрев на програмата 9 септември ќе се изведат претставите „За нас почнува живот“, независен проект во режија на Дејан Пројковски (20 ч.) и „Бог на масакрот“ во режија на Милош Б. Андоновски, на Тетовскиот театар (22 ч.), додека на 10 септември се настапите на Штипскиот театар со „Роденден“ во режија на Васил Христов (20 ч.) и Битолскиот со „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ (22 ч.)

На 11 септември Кумановскиот театар ќе ја изведе „Соѕвездија“ во режија на Нела Витошевиќ (19 ч.), по што следуваат гостите од Словенија, односно театрите од Копер и Трст ќе се претстават со „Лепа Вида“ во режија на Марјан Неќак (22 ч.).

Македонскиот народен театар на 12 септември (20 ч.) ќе настапи со претставата „Лагата“ во режија на Бесфорт Идризи, а потоа следува Струмичкиот театар со „Пчелите ќе умрат“ во режија на Драгана Таневска (22 ч.).

Фестивалот ќе се затвори со гостување од Бугарија, на Драмскиот куклен театар од Враца со „Убавицата од малиот град“ од Ник Апер (19,15 ч.), по што следува доделувањето на наградата на фестивалот.

Во рамките на фестивалот ќе се одржи промоција на книгата „Аспекти на камерниот театар“ од Тодор Кузманов и Гоце Ристовски, а промотор ќе биде Јоана Шишкова.

Фестивалот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.

Сподели