„Ведра“ е клопче што ми помага да се вратам дома, додека скитам и се губам низ шумата на возрасните

„Ведра“ носи многу пораки, за себеприфаќањето, за емпатијата, за пријателството, за простувањето, за соочувањето со стравовите и за здравото регулирање на емоциите. Носи порака дека секој од нас може да биде херој и да стане освојувач на срца, не на територии – вели авторката Јулијана Величковска

„Ведра“ е приказна што си игра со архетипите, влегува длабоко и таму буричка, менува, поправа, разместува, отклучува. Го има оддалечувањето од домот, ги има опозициите добро – зло, светло – темно, блиску – далеку, но има и изненадувања, кои самите ќе ги откриете кога ќе ја прочитате. Децата ќе ја обожаваат. И, како и секоја добра приказна за деца, ова не е само приказна за деца, туку е приказна за секого“ ‒ вели Ѓоко Здравески за сликовницата на Јулијана Величковска, илустрирана од Марио Каев.

Книгата во издание на „ПНВ публикации“ ќе биде промовирана вечерва во 18:30 часот во Културно информативниот центар – Скопје („Сала Империјал 2“). За неа ќе зборува проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а читањето ќе биде проследено и со авторската музика на Јован Јовановски, компонирана специјално за ова издание. Изданието е поддржано од Министерството за култура.

Величковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“. Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации), како и на повеќе од 25 книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.

Како се роди „Ведра“?

– „Ведра“ се роди од мојата љубов кон детската книжевност. Конкретно, сметам дека станав автор токму поради „Алиса во земјата на чудата“. Книгите за деца во кои подеднакво уживаат и возрасните имаат некоја посебна моќ и магија за мене. И да создавам книги со илустрации, оти тие отсекогаш ми беа омилените, е исполнување на мојот детски сон. Исто така и, народски кажано, дечарка сум! Отсекогаш! Ги сакам децата, ја сакам нивната енергија и нивната постојана потреба од игра, сакам да им раскажувам приказни, но и да учам од нив, од нивниот ентузијазам со кој го восприемаат светот, од нивната љубопитност и моќта да поврзуваат навидум неспоиви нешта, од нивниот начин да допрат до вистината, до смислата. „Ведра“ е одраз на сето она што го научив од децата, вклучувајќи го и детето во мене. „Ведра“ е своевидно клопче што ми помага да се вратам дома, на себе, додека скитам и се губам низ шумата на возрасните.

Ова е Ваша прва сликовница? Тлееше ли подолго време?

– „Ведра“ е приказна стара седумнаесетина години. Настана кога мојот внук Константин беше бебенце, потем ѝ ја раскажував на внуката Мила, па на уште многу други дечиња и, на крајот, на мојот син Гаврил. И чудно како толку долго имав приказна што децата ја сакаат, а едноставно не бев помислила на тоа дека можам да ја запишам и да ја споделам со уште многу дечиња со кои можеби никогаш и нема лично да се сретнам. Приказната се менуваше низ годините и ликовите примија доста од карактерот на дечињата на кои им ја раскажував, но кога конечно се решив да ја запишам прво се најдов пред извесна блокада, не можев да пишувам. Приказната течеше само ако усно ја раскажувам на некое детенце пред мене, но како писмено да им се обратам на толку многу деца наеднаш и како да им го пренесам сето тоа што како порака го носи приказната со што помалку зборови, но и на суптилен начин, ненаметливо, низ хумор и низ игра. Ова беше предизвикот што си го поставив пред себе и по неколку месеци работа, парче по парче го срочив текстот.

На децата сакав да им подарам приказна во која тие стануваат херои без да доживеат некаква преобразба, едноствно, тие се тоа затоа што си се свои. „Ведра“ носи многу пораки, за себеприфаќањето, за емпатијата, за пријателството, за простувањето, за соочувањето со стравовите и за здравото регулирање на емоциите. Носи порака дека секој од нас може да биде херој и да стане освојувач на срца, не на територии. Приказната го носи кодот на фолклорот, во јадрото е легендата за настанокот на името на планината Плачковица, но им се обраќам на денешните деца, па, покрај змејовите, сликовницата крие кабриолет, таблет, мегафон, слика од полароид… се споменуваат и термини од астрономијата, од географијата, се споменуваат и пирати, и референци на други бајки… комбинирајќи го познатото и непознатото на начин што се надевам ќе ги засмее и ќе ги облагороди сите читатели, и децата и возрасните.

Каква ви беше соработката со илустраторот? Најдовте ли лесно заеднички јазик?

– Марио Каев е прекрасен млад човек! Ова е и негова прва сликовница и многу се радувам за тоа! Со него веќе бевме соработувале, тој е дизајнер на кориците на некои наши изданија, па имав чувство дека се разбираме кога за првпат му ја раскажав идејата и приказната за Ведра. Марио беше вклучен со многу ентузијазам, со многу радост и со многу љубов во проектот и дури и кога поради другите работни обврски на илустрациите мораше да работи во ситни саати, секогаш со смеа и со разбирање разменувавме идеи, комунициравме, се прилагодуваше, прецртуваше… и верувам дека со неговиот труд им додаде уште поголема вредност и на приказната и на ликовите.

Имате вклучено и аудиокнига, што е баш досетливо и потребно. Колку е важно денес да се биде иновативен во издаваштвото, за да се стигне до поголема публика?

– Тоа што вклучивме и аудиокнига го чувствував некако за нужно, оти, како што реков, оваа приказна настана така, усно, со раскажување на многу деца, долги години. Не размислував на тоа како уредник, дека така ќе можеме да допреме до побројна публика, туку едноставно сакав да им ја подарам приказната на децата изворно, со мојот глас и со мојата интерпретација. А потем си помислив дека можеби убаво би било таа аудиоснимка да има и некаква музичка илустрација, да им биде попријатна на децата и можеби таа идеја дојде и поради мојата радост при слушањето радиодрами како дете. Јован Јовановски во неверојатно кус рок компонираше прекрасна музика и така се случи тоа.

Сметам дека иновативноста и креативноста се многу важни нешта и дека треба да ги применуваме во сѐ во животот, во начинот на кој размислуваме, во готвењето, во уредувањето на домот, во комуникацијата и во секоја работа со која ќе се зафатиме, било тоа занает или уметност, оти на нив гледам како на лубениците што под пазуви ги носи кога доаѓа среќата.

Сподели