Вечер посветена на писателот Владо Јаневски во ДПМ

Низ разговор за трите негови последни романи, утревечер во 19 часот ќе биде претставен писателот, поет, сликар и стрип-автор Владо Јаневски во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија. Станува збор за романите „Кој го уби Едгар Алан По“ („Или-Или“,, 2024), „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, 2022), „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Ламина“, 2020). Промоторка ќе биде Ана Пејчинова, а извадоци од делата ќе чита Емилија Тодорова.

Трите романи се само дел од обемното творештво на Јаневски кој од 1989 година живее во Сиднеј, а инспирација за пишување најчесто му се многубројните патувања низ светот. Неговото творештво се одликува со мултижанровски пристап, а делата му се често проткаени со елементи на магичен реализам.

Владо Јаневски досега ги објавил и романите: „Чудо зад аголот“ („Пагома прес“, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, 2019) и „Made in Jabana“ („Слово“, 2004); збирката раскази „Нема враќање“,(„Студентски збор“, 1985), како и збирката поезија „На грбот на неповратот“ ( Агенција за иселеништво, 2024). Објавил две книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, 2023) и „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, 2023), а застапен е и во неколку збирки за современи бајки. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои се и наградите за краток расказ на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“, наградата за најдобар роман, „Пегаз“, за најдобра поетска збирка „Стојан Христов“, за најдобро сценарио за долгометражен филм „Скрипт Фест“ и за најдобри бајки „Современи бајки од Македонија“. Ја добил и наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ во 2024 г.

Годинава романот „Кој го уби Едгар Алан По“, беше во најтесен избор за наградата „Стале Попов“ на ДПМ и во потесен избор за наградата „Роман на годината“ на фондацијата „Славко Јаневски“. Како автор за деца, Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој повеќе од две години редовно се објавува во прилогот „Колибри“ во „Нова Македонија“. Тој се занимава и со сликарство, а учествувал и на повеќе ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји.

Сподели