„Вавилон“ е уникатна награда со која се поддржуваат и мотивираат младите преведувачи

Приказната е објавена во рамките на серијалот „Умни млади“ што Умно.мк го реализира во соработка со Europe House Skopje

Писателот, преведувач, професор, музичар, Владимир Мартиновски неодамна ја доби титулата амбасадор на наградата „Вавилон“. Титулата носи огромна чест, но и одговорност, вели тој. Минатата година оваа функција ја извршуваше Румена Бужаровска, па оттаму, овој предизвик е уште поголем, вели Мартиновски.
Веќе осум години наградата детектира одлични млади преведувачи. Основана е во 2013 година од Делегацијата на Европската Унија во Скопје. „Како член на еднојазичното жири, неколку години бев непосреден сведок на квалитетот и мисијата на оваа значајна награда како влог во создавање квалитетен подмладок во сферата на преводот“, посочува Мартиновски.

Преведувањето е комплексен процес во комуникацијата меѓу културите

– Уште од 2013 година, секоја година на конкурсот се пријавуваат талентирани млади книжевни преведувачи, на кои им е потребна и поддршка и мотивација и поголема видливост во културната јавност, а овој конкурс сето тоа им го овозможува, не само на добитниците на наградите, туку на сите учесници. Затоа, ја користам оваа пригода да ги поканам сите преведувачи помлади од 26 години да се информираат на официјалната веб-страница на конкурсот, да се пријават и да ги следат работилниците, на кои искусни преведувачи им откриваат многу значајни тајни во уметноста на преводот – вели Мартиновски.

Владимир Мартиновски (фото: Радован Вујовиќ)

Една од главните цели на оваа награда е да ги поттикне младите филолози да ги направат првите чекори во преведувачката дејност.
– Преведувањето е комплексен и исклучително важен процес во комуникацијата меѓу културите и литературите. Преводната книжевност е огромен капитал за секоја култура, па затоа ни се драгоцени сите преведувачи. Преку наградава, младите преведувачи добиваат можност активно да истражуваат и да учествуваат директно во рецепцијата на современи европски автори во македонската книжевна средина. Покрај паричната награда, наградените преводи се објавуваат во престижното списание „Културен живот“, а и издавачките куќи, како и целата јавност, добива можност да се запознае со нови сили на преведувачката сцена – објаснува новиот амбасадор.

Румена Бужаровска ја имаше титулата амбасадор на наградата пред Мартиновски

Доделени 13 први награди

Партнерски организатор на Делегацијата за овој конкурс е Здружението на преведувачи и толкувачи. Првпат е доделена на Европскиот ден на јазиците, 26 септември 2014 година, а оттогаш, секој нареден конкурс се објавува во септември, по доделувањето на наградите за тековната година. Досега се заокружени осум изданија на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ и доделени се вкупно тринаесет први награди, осум од кои се за преводи на македонски јазик, две за преводи на турски и три за преводи на албански јазик, објаснува Никола Ѓелинчески, претседател на организациониот одбор на наградата.

– Се работи за уникатна награда која ги отсликува целите на здружението и Европската делегација во однос на промоцијата на културната и јазичната разноликост во Европската Унија. Конкурсот има за цел да го поддржи квалитетот на преводот на литературни дела и да ги поттикне младите преведувачи да преведуваат од повеќе јазици и да се вклучат преведувачи од повеќе националности за да се збогати културното наследство преку книжевниот превод, а тоа секако е доказ дека живееме во мултикултурно општество и потврда дека може да се дејствува во рамки на мајчиниот јазик – смета Ѓелинчески.

Одлична можност да се искуси целиот процес на преведување

Во што се состои наградата? Најдобриот млад преведувач добива награда во вредност од 500 евра, годишно членство во Здружението на преведувачи и толкувачи ЗПРМ и објавување на преводот, во целост или делумно во списанието „Културен живот“ како чекор во отпочнувањето или развивањето на професионалната биографија на добитниците. Ќе бидат доделени награди за секој од јазиците на кои ќе пристигнат пријави.

– Сметам дека конкурсот е одлична можност да се искуси целиот процес на преведувањето, почнувајќи од истражувањето, па се‘ до адаптирањето и наоѓањето нијанси, за на крај, преводот да биде оценет од поискусни колеги од фелата. Тоа е многу важно зашто кога зборуваме за книжевни преведувачи, тоа не е само професија туку уметност и умешност и нечиј труд треба да биде испочитуван и вреднуван. Се надеваме дека покрај формалната награда, ова признание ќе им даде самодоверба да продолжат да се развиваат во оваа насока и да остават свој печат во културниот живот – вели Ѓелинчески.

Емилија Петрова наградена со пофалница и Никола Ѓелинчески

Најважните критериуми за учество се кандидатите да не бидат постари од 26 години. Пријавените текстови мора да бидат превод од кој било од 24-те службени јазици на Европската Унија на кој било јазик што се зборува во земјава. Пријавените текстови мора да бидат преводи од оригинални литературни дела објавени во која било од европските држави-членки на кој било од службените јазици на ЕУ во последниве три години што не биле во целост или делумно преведени на пријавениот јазик до крајниот рок за прием на пријавите.

Пријавените текстови мора да бидат преводи на (или извадоци од) литературни дела: роман, новела, расказ, или документарна проза. Крајниот рок за пријавување за деветтиот циклус е 4 април 2022.

По пристигнувањето на пријавите, текстовите се разгледуваат и оценуваат од страна на две посебни жирија за секој од јазиците на кој ќе пристигнат пријави. Најпрвин двојазично жири го споредува преводот со оригиналниот текст и доколку го надмине прагот на минумум бодови, се праќа на еднојазично жири коешто има за цел да провери дали преводот функционира самостојно во целниот јазик. Секое жири се состои од искусни преведувачи, членови од академската заедница, и/или писатели. На крајот од секој циклус се прогласуваат победниците и се доделуваат наградите.

– Би сакал да напоменам дека содржините на интернет-страницата посветена на наградата Вавилон тековно се одржуваат и се обновуваат, достапни се сите информации поврзани со наградата, победниците на посебните изданија, поддржувачите и спонзорите на наградата, настаните во рамките на наградата, претставувањата на наградата во земјата, регионот и во странство, поддржани во фотографии и видеоматеријали – објаснува Ѓелинчески.

Маја Тодоровска: Преводот на моменти течеше како река од мене, а на моменти ми ги „кинеше“ нервите

Какво искуство беше награда за лауреатката за 2022 година, Маја Тодоровска, која прв пат учествуваше? Таа вели дека за наградата дознала во втората година од студиите.

– Идејата да се пријавам тогаш сè уште ми изгледаше застрашувачка и далечна, а и сметав дека не бев доволно искусна за да се пријавам. Во секој случај, натпреварот ми се чинеше како многу интересна идеја, бидејќи книжевноста и книжевното преведување се нешто што отсекогаш ме привлекувало. Разните работилници и конференции што Здружението ги одржуваше ме охрабрија и ми дадоа можност да стекнам искуство и самодоверба за да се пријавам – вели Тодоровска.

Годинашната добитничка Маја Тодоровска со ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир

Таа прво сакала да се пријави за изданието во 2019 година, но немала доволно време. Затоа се решила за наредната година и најголемиот дел од преводот го работела по часовите и за време на викендите и зимскиот распуст. Уште од почетокот била свесна дека немало да биде лесно, особено со оглед на фактот дека поради тоа што преведував од англиски, книгата морало да биде издадена или во Ирска или во Малта.

– Ирската култура отсекогаш ме привлекувала, па затоа се решив да одберам книга која ќе биде поврзана со нешто специфично ирско. Тоа се покажа како малку небулозен критериум, па решив и дека сакам да биде на некој начин поврзана со фантастиката, бидејќи одамна сум љубител на жанрот, а кај нас за жал не е многу претставен во издаваштвото. Сето тоа ме доведе до „Суровиот одговор“, приказна која е всушност прераскажување на многу познат ирски мит, „Децата на Лир“, од гледна точка на злата маќеа во митот. Диадра Саливан има неверојатен стил што веднаш ми падна во очи кога ја читав книгата; на моменти се чувствував речиси како да читам поезија. Преводот на моменти течеше како река од мене, а на моменти ми ги „кинеше“ нервите. Се сеќавам дека за малку ќе се откажев кога сфатив дека имињата на ликовите по грешка ги бев превела според различни дијалекти. Без разлика на сето тоа, искуството не би го менувала за ништо – вели Маја.

Сподели