Василичарите подготвени за Вевчанскиот карневал

Василичарите од Горна и Долна маала на струшко Вевчани се подготвуваат за традиционалниот карневал во чест на свети Василиј кој ќе се одржи во петок и сабота. Покрај традиционалните маски на Глупи Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, учесниците ќе ги претастават и останатите маски, а со звуците на зурли и тапани ќе ги бркаат лошите духови, за да ја пречекаат (стара) Нова година.

Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочоски потсети на традицијата на Вевчанскиот карневал кој се одржува веќе 14 века.
– Карневалот е медиум и еден вид коректор на власта. Преку многу хумор и сатира, низ маските и игрите можете да го согледате целогодишното владеење. Паметна власт во карневалот може да ја види целата негативност што ја правела во текот на годината и ќе може да се коригира – вели Кочоски.

Карневалот почнува во петок наутро (на 13 јануари) со собирање на василичарите и музичарите воо Василичарските конаци. Околу пладне од влезот на Вевчани почнува Василичарското дефиле кон центарот на Вевчани. Поворката ја предводат Глупи Август и Ѓаволот, а ги следат музичарите, Зетот и Невестата и сите василичари. По дефилето Зетот и Невестата од Горна и Долна маала ги посетуваат сите домови во Вевчани, посакуваат здравје и бериќет во новата (сурва) година, а домаќините ги даруваат.

Ноќта на 13 наспроти 14 јануари, се оди на вода на Вевчанските извори. Се верува дека во оваа ноќ водата во изворите е света и лековита. Во минатото жителите на сите околни села независно од верата доаѓале на изворите и полнеле од водата. На василичарите им се придружуваат и домаќинките кои носат леб, босилек, дрен и василичарка (бодликаво растение кое е симбол на Вевчани). Полнат вода со која утрото на 14 јануари замесуваат Кашаник (пита печена под сач). На 14 јануари на денот на св. Василиј, василичарите одат на визита (именден), кај сите што го носат името на светецот, а потоа во центарот на Вевчани се собираат сите, го играат Василичарскито оро и ги палат маските, со што го симболично го гонат злото да не се повтори.

Во рамките на музичка програма која почнува во четврток ќе настапат: Гиг офф (Сашо Гигов – Гиш и пријателите), Венко Серафимовски и „Прпл Цепелин“, реге бендот „Брука“, ДНК, „Ласт експедишн“, Фиц и „Студени нозе“. Вечерта на 13 јануари ќе има народна музика, а ќе настапат „Баклава“, „Банда ентопика“ од Грција, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, „Некст тајм“ и Перо Бели.

Сподели