Васил Михаил: Нашиот театар е продукциски многу посиромашен, ама е поинтелигентен од англискиот

Делата си наоѓаат тајни патеки кон светлината која зрачи од публиката и ги повикува. Уметникот не треба никогаш да се обесхрабрува, туку постојано да ги остри своите инструменти, за кога ќе дојде моментот вешто да гравира по колективниот дух.

 Актер, драматург, режисер. Васил Михаил е сестран театарски и филмски уметник, кој се труди постојано да ги поместува сопствените авторски граници низ својот разновиден опус кај нас, но и во странство. Некои од неговите драми и кратки филмови се наградувани на меѓународни фестивали.

Неколкуте години што ги помина во Англија му отворија нови врати и доби неколку театарски и филмски проекти. Меѓу нив е и улогата на Драган во филмот „Лош инфлуенсер“ во режија на Тери Потоцна, кој е во фаза на постпродукција.

Вечерва тој ќе биде дел од концертот „Шест раце за шест премиери“, во кој ќе интерпретира поезија од Конески.

Со Михаил разговараме за овој предизвик, како ја доби улогата, но и како ја развиваше својата кариера во последните години.

– Се пријавив на кастинг. Им требаше странец и ме избраа. За среќа ликот не е некој терорист или разбојник од постсоцијалистичките земји, туку само комичен заводник. Соработката беше професионална, креативна и срдечна. Нашиот сензибилитет е многу различен од англискиот и тоа придонесе процесот на работа да биде полн со духовитост и изненадувања. Запознав прекрасни колеги. „Лош инфлуенсер” ќе биде интересен филм. Приказна во стилот на „Дневникот на Бриџит Џонс“ (2001), но со мрачна атмосфера и радикален црн хумор.

 Во изминатите неколку години живеевте во Англија. Како се развиваше  Вашата кариера таму?

– Да, со семејството заминавме во октомври 2018 година за Лондон поради работен ангажман на сопругата, а се вративме пред неколку месеци. Во првата година се грижев за нашиот, тогаш двегодишен, син. Потоа почнав да работам полно работно време заради финансиска поткрепа на семејството, а најмногу затоа што синот тргна во градинка. Во Англија училиштето е бесплатно, но градинката чини околу 12.000 до 15.000 илјади фунти годишно. Морав да се адаптирам и тоа ми донесе нови искуства и знаења, но за тоа друг пат.

Сепак, и покрај приватните обврски успеав да сработам нешто и за професијата. Најважно за мене беше да го завршам магистерскиот труд, во областа на филмската и телевизиска режија, што го започнав 2017 во Македонија. Истражувањето беше прилично обемно и комплексно и со тоа огромен предизвик. Сепак, трудот го завршив на време, а успешно го одбранив, заради пандемијата, преку интернет. Потоа, ја промовирав кратката апсурдна драма „Паркинг“ во срцето на Лондон, преку организирано јавно читање од страна на театарот The Hidden Theater. Не долго потоа се пријавив на конкурс за кратка иновативна драма, каде драмата „Паркинг“ беше избрана и поставена на сцена од страна на Mad Apple Collective во  Челмсфорд, Есекс, блиску до Лондон. Беше вистинско доживување да се види и слушне наш текст на англиска сцена.\

Кон крајот на 2021-та, со посредување на ИТИ Македонија, „Паркинг“ заедно со уште неколку македонски кратки драми од други автори, беше избрана да се продуцира од англиска компанија која се занимава специфично со кратки аудиодрами. Соработката со компанијата беше одлична, врвни професионалци. Сè уште се работи на постпродукцијата и со сигурност аудиодрамата „Паркинг“ ќе можеме да ја слушнеме на англиски јазик  годинава.

Дел од моите активности беше и режијата на една кратка драма „Интервенција“ од младата авторка Флора Стјуард од Лондон, а во рамките на долгогодишниот проект за промоција на млади драмски автори From Page To Stage. Потоа, го пријавив сценариото за краток филм „Кујна“ на филмски фестивали низ светот каде доби неколку награди и признанија во Сан Франциско, Москва, Санкт Петербург, Кошице, Рим, Драма и минатата година во Скопје. Пробав да најдам продуцент за „Кујна“ во Лондон, но со појавата на пандемијата сите бараа „сигурни“ сценарија, односно стандардни формати кои полесно ќе поминат кај публиката во ова време-невреме. „Кујна“ не е такво сценарио и тоа е добро.

По логиката, а и мислењата на фелата, би требало прво матичната држава да го поддржи проектот, а посебно затоа што веќе добил меѓународна поддршка и глас. Ќе видиме, сѐ уште не сум го пријавил, но имам намера и очекувам дека она што било препознаено надвор, ќе биде и дома. Досега не сум користел пари од државата за моите проекти, но тоа не ме спречило досега да се потпишам како режисер, драматург и/или автор на 27 наслови поставени на сцена, од кои неколку се наградени на меѓународни фестивали во странство. Овие проекти се реализирале благодарение, освен на моите лични напори, така и на довербата и влогот на сите мои соработници, како и поддршката од мојата матична институција „Антон Панов“ – Струмица. Делата си наоѓаат тајни патеки кон светлината која зрачи од публиката и ги повикува. Уметникот не треба никогаш да се обесхрабрува, туку постојано да ги остри своите инструменти, за кога ќе дојде моментот вешто да гравира по колективниот дух.

Во меѓувреме, во нашето списание за литература, култура и уметност „Современост“ број 4, 2019, се објави мојата фрагментарна драма „SALIGIA”, напишана и поставена на сцена во 2017 година во Македонија.

Потоа, во 2020 играв во еден краток филм „Есен во Лондон“ на Рикардо Рагацо, а следуваше и долгометражниот филм „Лош инфлуенсер” на Тери Потоцна во 2021. Имав кратка соработка и со нашиот стендап-комичар Влад Илич кој живее и работи во Лондон. Запознав повеќе наши уметници кои живеат таму и имавме прекрасни дружби. Не изостанаа ниту запознанствата и комуникацијата и со тамошните уметници.

Сега, гледајќи од дистанца, многу се миговите за паметење. Со оглед на приватните околности во кои се наоѓав, а потоа и блокадата од пандемијата, задоволен сум со реализираното. Пандемијата силно ја погоди забавната индустрија во Обединетото Кралство. Филмската индустрија бргу се опорави запазувајќи ги протоколите при работа, додека на театарот далеку побавно му одеше заздравувањето, пак заради протоколите и забраните, кои не беа во негова полза. Најтешко беше за почетниците и дојденците кои се нови на пазарот на работна сила, а еден од нив бев и јас.

На што сте фокусиран периодов? Имате ли нов проект?

– Имам повеќе авторски проекти на кои работам паралелно и се театарски, филмски и литерарни. Но, сѐ одеднаш не е можно да се реализира, а ќе видиме и што воопшто ќе се реализира. Некои проекти имаат краток фитиљ, на други им е потребна подолга ферментација, понекогаш и со години. Во моментот, додека ги тинтрам авторските проекти, работам и на еден телевизиски проект, овој пат како монтажер. Неодамна снимив и реклама како актер. Шарено е.

Уметниците во Англија се исправени пред секојдневен предизвик да бидат ангажирани на проекти, особено театарските, додека кај нас сон на речиси секој актер е да стане дел од ансамбл. Кој принцип според вас е подобар за уметникот?

– Точно е дека во Англија нема класично вработени актер(к)и на неопределено време како кај нас. Се разбира тој систем не е црно-бел. Има и таму актери кои имаат долгорочни договори. Посебно ако тоа е проект кој се игра на сцената по повеќе сезони и слично. „Фантомот од операта“ се игра во Лондон веќе 50 сезони. Истата претстава секоја вечер педесет години, со ден пауза неделно. Исто така, има многу помали театарски компании кои се специјализирани, на пример, за деца или амбиентален или интерактивен театар и слично и имаат постојани ансамбли. Но, за сето тоа таму има пазар, едноставно има многу луѓе, а и државата е една од најбогатите во светот. Уметноста таму се вика забава, а забавата ја плаќа солено секој од сопствениот џеб. Кај нас уметноста се вика висока култура и освен државата, ретко кој може и сака да ја плати соодветната цена.

Многу е различно во таа смисла. Заблуда е ако мислиме дека таму државата не финансира. Дава големи пари, но индустријата го возвраќа даденото со тоа што врти милијарди фунти. Важно прашање е дали во една таква атмосфера, условена од финансиите, уметноста, или конкретно театарот, може да биде тоа што треба во денешно време. Според мојата проценка тешко. Има такви проблесоци, но минорни се наспроти гигантската индустрија. На пример, најголемите театри во Англија ги поседува еден човек. Наивно е да се мисли дека затоа што пазарот е отворен, се подразбира дека најдобрите ќе успеат. Тоа зависи од многу фактори, како и секаде во светот. Исто како и кај нас, одлични актер(к)и никогаш нема да ги добијат шансите што ги заслужуваат. На пример, ако сте странец актер, за да напредувате полесно таму треба да си го смените името во некакво нивно. Тоа важи за кој било, не само за нас од третиот свет. Ако си го оставите вашето име ќе ве стават во некоја графа и тоа многу ќе ве ограничи. Голем број актери таму постојано работат комерцијални проекти и никогаш уметнички: реклами, корпоративни видеа, видео предавања, синхронизации и сл.

Или се даскали по училишта и колеџи или шанкери, билетари, редари во некој од поголемите театри и работат секакви други професии за да преживеат. Ако таму вработуваат и тие ќе сакаат да се вработат, во тоа сум убеден. А нашите сакаат да се вработат не само заради сигурноста на платата, туку и затоа што ако не се вработат, тешко дека ќе добијат шанса да застанат на сцена. Не може од секој актер да се очекува сам да продуцира, посебно кај нас каде сиромаштијата е изразена. Секако, залежувањето кај вработените е негативна појава, но за тоа има управи кои треба да стимулираат. Кај нас, ако не е системот со вработување тешко дека театарот и ќе опстане. Кој принцип е подобар? Ако зборуваме за забава и занает, нивниот, ако зборуваме за духовност и уметност – нашиот. Каква уметност ќе правиш како актер доколку треба секојдневно да се подготвуваш за аудиции и условно од 100 да успееш на една? Можеби тоа е добро за рутината и кондицијата, но не и за фокусот и содржината.

Можеби ќе звучи апсурдно, но според мене, нашиот театар е прилично поинтересен и поеволуиран од тој во Англија. Да, продукциски многу посиромашен, далеку од условите кои тие ги имаат во големите театри, но како идеја, содржина, намера, стил ми се чини дека е помодерен, поинтелигентен и со подлабока уметничка вредност. Како ќе реагирате да ја видите „Бегалка“ на сцена денес, но истата постановка од пред еден век? Е, тоа е на речиси секоја сцена во Англија. Помал дел е модерно и интересно. Гледав на сцена светски актери, дури и такви на врвот од холивудската кариера. Тие беа одлични, но претставите досадни, иако продукциски совршено изработени. Од друга страна, им се восхитувам на доследноста во негувањето на своето и традицијата.

Васил Михаил во сцена од „Мурлин Мурло“ (2016 година, Струмички театар) фото: Наке Батев

Со многу ретки исклучоци, освен нивното и американското, ништо друго не ги интересира. Ретко може да се види поставен наслов од странски драмски автор. Така треба и ние да правиме, ама нам нашите автори ни се некако многу познати, си вообразуваме дека ние сме над тоа и бараме постојано спас во нешто кое не ни е важно. Никако да разбереме дека нашата публика не се идентификува со непознати странци како што и тие не се препознаваат во нас. Мораме да ги работиме нашите автори, ги има многу и се одлични. Мала земја сме и тоа е прилично лесно да се направи ако се има волја, како политичка, така и од фелата. Верувам дека нашите талентирани актери во наша драматургија ќе пливаат уште подобро, на задоволство на публиката. Впрочем тоа е и потврдено. Заклучокот ми е дека најдобар принцип е својот принцип, секој треба да изгради принцип според своја мера.

Периодот дури не бевте во земјава, на Струмичкиот театар му се случуваа турбуленции, но вашите колеги покажаа голема слога и решителност.

– Пораснав во Струмичкиот театар, а потоа се трудев да останам дете. Тоа е театарот за кој се грижам како за член од семејството. И замислете, театарот кој ме цензурираше, додуша еден дирек(тор), не театарот. Нејсе, непријатните вести кои го следеа Струмичкиот театар во последните година-две никако не ми годеа. Но, од друга страна, ме развесели многу сплотеноста на колегите кои на крај и победија. За жал, таа победа системски ништо не промени, освен што покажа дека сплотеноста не е за потфрлање, сепак многу важна поента. Борбата продолжува. На тие колеги наградата им е дека се единствен театар во државата без сопствена зграда, најмал од сите што ги изградија последните десетина години и никако да го завршат. Разочаран сум од локалната неорганизираност и неагилност. Парите ги трошеа, уште доливаа и никако да мрднат.

Министерството кое треба да контролира си спие како и за сѐ друго. Понатаму, работните места ги кратат постојано од Струмица, а ги земаат оние директори од други институции кои се најблиску до министерството. Малку себично и со долгорочни тешки последици, нели? И оние малку актерски кадри кои сакаат локално да се вработат во Струмица немаат можност и чекаат со години. Јас работев полно работно време на привремени договори, за мизерен надомест и без право на глас во институцијата, цели 11 години. Државата финансиски не оштети со по еден кров над глава, не само струмичани се разбира. Сум искалкулирал. Да не зборуваме за условите за работа на студови и жештини вон секои граници. Веќе 20 години, од кога сум таму после факултетот, општинските партиски штабови номинираат, а Министерството ладно си потпишува вработувања на технички кадри кои се сосема нестручни и создаваат огромни проблеми во работата како и дополнителни трошоци, со чест на исклучоците. За раководните позиции видовме неодамна.

Од друга страна, Струмичкиот театар има значителен креативен подем во последните дваесетина години, се сменија генерации, се излезе од зачмаеноста и сиромаштијата на деведесетите. Но, се направи една круцијална грешка во 2004 година кога театрите во внатрешноста беа споени со домовите на култура и галериите во Центри за култура. Таа грешка мора да се исправи и театрите пак да си го вратат статусот на народни театри. Затоа, подемот за кој зборувам беше и е само благодарение на пожртвуваноста на колегите и мал дел од управата, додека другата страна одмогаше. Знам дека состојбата и за добро и за лошо е скоро секаде иста во внатрешноста, помалку или повеќе. Фелата не смее да чека на политичарите и треба да ги земе работите во свои раце, да се избори за достоинствен статус. Мора да се освести и да отпочне процес на ревитализација и реформи. Политичарите, барем повеќето кај нас, имаат интерес од идејно заспана уметност и публика, не треба да се подлегнува по линија на помал отпор и да се дозволи да нè победат на кондиција. Театарот и филмот се чувари на живиот јазик, сценската култура на заедницата и исконските вистини. Мораме да ја децентрализираме културата рамномерно ако сакаме да опстане и тоа треба да го направи центарот.

Не политичко – административниот центар, не ни очекувам од нив, туку уметниците кои се во центарот и имаат влијание. Треба конечно да се излезе од менталниот склоп – не бранувај и немој случајно да влезеш во спротивставено мислење со некој од власта, умилкувај се и задоволи го својот интерес. Зарем уште со тие подлизурковски трикови во време кога сакаат да не избришат од историјата? Ние мислиме парадоксална шега е, а тоа е веќе реалност.  Никако да сфатиме дека нема веќе кој да нè брани, сами сме, а нашите деца одамна зборуваат подобро англиски од македонски јазик. Национална консолидација на драмските уметници ни е потребна веднаш. Пред сѐ на засегнатите од внатрешноста, но ќе мора да има и силна поткрепа на дело од скопската фела. Во таа смисла, Струмичкиот ансамбл во последно време беше светла точка на отпорот против бруталната простачка и арамиска чизма на политичките елити. Искрен крик, кој сигурен сум дека допре до многумина.

Во очекување сум на следниот проект во Струмичкиот театар, кој е сѐ уште мојот матичен, иако од 2014 живеам во Скопје. Убаво е да се биде дома.

Сподели