Васил Хаџиманов – гостин на концертот на Националниот џез оркестар во Охрид

Васил Хаџиманов, истакнатиот српски пијанист со македонско потекло, композитор и лидер на бенд утревечер во 22 часот на сцената на Долни Сарај во Охрид ќе биде гостин на концертот на Националниот џез оркестар. Диригинт ќе биде маестро Џијан Емин. На концертот ќе бидат изведени дел од најпознатите композиции на Хаџиманов, адаптирани за изведба со биг-бенд, како и композиции од неодамна промовираниот албум “Keyf.” Аранжманите на композициите се на Владимир Николов, Тони Китановски и самиот Хаџиманов.

Васил Хаџиманов е познат по својот иновативен пристап кон џез-фјужн и светската музика. Роден на 23 јуни, 1973 година во Белград, Србија (тогаш Југославија), Хаџиманов потекнува од семејство на музичари; неговиот татко е познатиот пеач, композитор и актер, Зафир Хаџиманов, а мајка познатата пејачка и актерка, Сенка Велетанлиќ.

– Васил уште од мали нозе покажува исклучителен музички талент и започува со своето формално образование по класичен пијано, но набрзо навлегува во џезот и фјужн-музиката, црпејќи инспирација од различни музички традиции, вклучувајќи ја балканската, африканската и индиската музика – велат организаторите ан концертот.

Во текот на 90-те години, Васил Хаџиманов е особено присутен и признат на српската музичка сцена со својот бенд, изведувајќи уникатен спој на џез импровизација со елементи на балканските народни ритми и мелодии. Неговата музика се карактеризира со сложени ритми, богати хармонии и длабока интеграција на различни музички култури.

Во текот на својата кариера, Хаџиманов има соработувано со бројни меѓународни музичари и има издадено повеќе албуми кои добиваат позитивни оцени од критиката, меѓу кои „Васил Хаџиманов бенд“ (2001), „7/8 & 11“ (2008) и „Alive“ (2016). Неговите композиции често ги рефлектираат неговите искуства и согледувања за културната различност на Балканот и пошироко. Во 2023 година го издава албумот “Keyf” чија промоција се одржа неодамна и во земјава и наиде на навистина добар прием од публиката.

Васил Хаџиманов продолжува да биде водечка фигура во современата џез и фјужн музичка сцена, признат како по неговото виртуозно свирење пијано, така и по неговата способност да ги премости културните поделби преку музиката.

Сподели