Варшавските урбанисти за три месеци го исцртале концептот за основниот урбанистички план на новото Скопје

Tоа што ги фасцинира дојденците во Скопје е мозаикот од култури, религии и јазици. Нас нè воодушевува тој скопски калеидоскоп, вели Кинга Нетман-Мултановска, авторката на книгата „Варшава го исцртува Скопје“ која е издадена и на македонски јазик

Пишува: Катерина Богоева

Скопје мора да си најде некаква идеја за себе. Светот се смени, доживуваме технолошка револуција. Стариот тип градови пред нашите очи одат во заборав. За градот и за просторотсега се размислува на сосема поинаков начин, вели Кинга Нетман-Мултановска, авторката на книгата „Варшава го исцртува Скопје“ која е издадена и на македонски јазик. Нетман-Мултановска е доктор по хуманистички науки, англист, дипломирала на Универзитетот „Адам Мицкевич“ во Познањ. Лекторка по полски јазик во Киргистан и Грузија, културна менаџерка. Таа е авторка и коавторка на публикации посветени на полските траги во Грузија и во Северна Македонија, кураторка и иницијаторка на изложби, настани и публикации поврзани со уметноста, архитектурата и полското културно наследство во странство.

Кинга Нетман-Мултановска

Вашата книга „Варшава го исцртува Скопје“ на македонски јазик ја издаде „Бегемот“ и веќе e во скопските книжарници. Таа лани за прв пат беше издадена во Полска на полски јазик, а Вие преку неа, сега сте повторно присутна во Скопје каде и живеевте во периодот од 2014 до 2018 година со вашиот сопруг, тогашниот полски амбасадор во земјава, Јацек Мултановски. Градот очигледно Ве предизвикал да го истражувате и лесно да не го заборавите!

– Скопје и без оваа полска приказна за мене е необично фасцинантно место. Со голема привлечна сила. А, полската нишка во историјата на градот е навистина интересна. Но тоа не беше предизвик. Зборот „предизвик“ ме асоцира на напор и посветеност. А откривањето на приказнава беше интересно доживување и цела серија од среќни случајности, кои ме наведоа да ја напишам книгава. И тоа тогаш кога веќе се вратив во Варшава. Ме инспирираше средбата со еден од „скопјаните“, како што го нарекувале во Варшава, проф. Војќех Сухожевски, урбанист, коавтор на полскиот предлог за обновата на Скопје, дарот на град за градот, Skopje. Study of Master Plan.

Варшавскиот тим работи, Заводот за Урбанизам и Архитектура, Скопје, декември 1964
Фотo: Киро Георгиевски [од:] „Your Aid to Skopje”, 10-12/1964, страница [32].

Токму професорот на многу интересен начин ми раскажуваше како за три месеци, не спиејќи ноќе, варшавските урбанисти го исцртале концептот за основниот урбанистички план на новото Скопје, а потоа тој свој предлог – брошури, табли, графи, паноа – со приватни автомобили ги возеле преку цела Европа, за да го презентираат на конференцијата на меѓународните експерти во Охрид, во јули 1964 година. Патем, тоа го опишувам во книгата и многу го сакам тој фрагмент. Тоа е без малку авантуристички роман.

Скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година беше крај за старата, но и почеток на новата историја на градот во чие понатамошно креирање голема улога одиграа и, како и што потсетувате во книгата, значајни полски урбанисти, архитекти, социолози и др. кои, своето знаење го темелеле и на високо вреднуваната обнова на Варшава. Сте разговарале со дел од нив, што најмногу паметат тие од работата и престојот во тогашното Скопје, колку тоа им значело на личен и професионален план?

– Разговарав со седуммина од нив, живите членови од тимот што броел над дваесет луѓе. Најстариот од тие седуммина, д-р Јулиуш Вилски, тогаш имаше 96 години. Почина на 99 години, минатата година. Тој и неговите постари колеги биле луѓе со фантастични воени биографии, одлично школувани, искусни урбанисти; другиот дел од тимот биле млади луѓе, триесетгодишни. Сите потекнувале од земја што се нашла на „погрешната страна“ на Железната завеса. Југославија за нив била „западна“ земја. Им овозможила контакти со специјалисти речиси од целиот свет, а во иднина странски договори и кариери во структурите на ОН, пари, јазици, патувања. Писмата до семејствата што ги испраќале од Скопје се полни со емоции и со описи на тоа што го гледале и го доживувале.

Корицата на полскиот предлог за обновата на Скопје, дарот од Варшава на Скопје, Skopje: Study of Master Plan, Juni 1964

Европски град, но и ориентален; живописни селца во планини при замаглена сончева светлина; и џамии, во кои влегувале без чевли. Производи што тогаш во Полска биле потполно недостапни (дамски чизмички за сопругите и западни домашни апарати за домаќинствата). Модерната архитектура на градот. Како и скопските контрасти – овде подвижни скали, а онаму карван магариња што ги тераат по улиците на пазар. Стресен Consulting Boardy, трка со времето, замор. Како и постојаната мисла „да не ѝ донесат срам на Варшава“, колку што може најдобро да го претстават полскиот урбанизам. Пресметките за урбанистичкиот план ги правеле со помош на сметачка машина, полскиот „компјутер“ ZAM-2. И шокот дека мултикултурната стварност на Скопје не може да се опише со математички формули. Да не забораваме дека Варшава по Втората светска војна, всушност, била моноетнички град. Потоа, своето уникатно искуство од Скопје го споделувале во земји погодени од катаклизми, како Перу, или земји што се модернизирале, како земјите од Африка или од Блискиот Исток.

SKOPJE MASTER PLAN / Основен урбанистички план, 1965 година

„Варшава го исцртува Скопје“ содржи и голем број на стари фотографии, стихови од македонски поети, извадоци од југословенскиот и полскиот печат за обновата на Скопје, за тогашните политички релации меѓу Југославија и Полска, но и посебно поглавје за обновата на опустошената Варшава по Втората светска војна. Што Ви остави најголем впечаток при истражувањето на тој дел од варшавската историја?

– Во времето кога одев во училиште, за обновата на Варшава учеа сите полски деца. И сите знаеја дека Стариот град во Варшава е нов, бидејќи бил подигнат од руините. А Кралскиот замок е мој врсник, зашто неговата реконструкција започнала во 1971 година. Тоа што ме изненади кога навлегував подлабоко во темата пишувајќи го поглавјето за Варшава, беше фактот дека обновата била „поправка“ на градот, зашто предвоена Варшава била запуштена и пренаселена; дека, на пример, на улицата „Нови Швјат“ (дел од Стариот град) ѝ бил даден изглед како во 18 век, од времето на нашиот последен крал, земајќи ги за пример сликите и гравурите од тоа време.

Пред војната таа улица била низа од згради со различни зафатнина и висина, кои создавале мошне хаотичен простор. По војната, станала улица на ниски, елегантни, речиси квадратни стари зградички – „варшавски салон“. Тоа значи дека градежниците на Варшава свесно го коригирале предвоениот град (честопати уривајќи го тоа што се сочувало – за што денеска се критикувани од некои). Врз себе земале голема историска одговорност.

Интересно, велите „Варшава што се кревала од руините, динамична, модерна, во детали ја познавале македонските студенти што го изучувале полскиот јазик. Полонистиката на скопскиот Универзитет ,Св. Кирил и Методиј’, основана во 1959 година, е една од најстарите во светот.“ Укажувате на тоа со доза на нескриена гордост, зошто? 

– Не, не мислам така. Можеби така сте го сфатиле тоа. Повеќе сакав да кажам дека бевме толку горди поради обновата на Варшава, што го наведувавме тоа во читанките за странските студенти (се разбира, во тоа имало и многу пропаганда). Како занимливост ќе додадам дека варшавскиот Стар град во 1980 година УНЕСКО го впиша на Листата на светско наследство. А освен тоа, сакав да покажам дека полско-македонските јазични врски имаат долга традиција. Полска може да се пофали со голем број истакнати македонисти, како проф. Зузана Тополињска, која живее во Скопје.

Обликот на скопскиот Музеј на современата уметност на ридот Кале, ’70-ти години. Фот. Нина Смолаж;
Grażyna Jonkajtys-Luba, Symbol przyjaźni i pomocy, „Architektura“ 1974, бр. 4, стр. 140

Обновата на Скопје е симбол на светската солидарност, уметници од многу земји, меѓу кои и од Полска, по земјотресот му донираа свои дела на Музејот на современата уметност. Полскиот тим на архитекти наречен „Тигри“ го изработи донираниот проект за музејската зграда. И за ова пишувате во Вашата книга, а додека живеевте во Скопје, ја подржувавте и презентацијата на полската музејска колекција. Таквото присуство на Полска во Скопје сè уште Ви значи?

– Секако! Таа е една од најбројните колекции полски уметнички дела во странство, а и објектот на музејот е префинет и безвременски. Колекцијата (дел од неа) пристигна во Полска во 2018 година. Во краковскиот Меѓународен културен центар беше презентирана на изложбата „Скопје. Град, архитектура и уметноста на солидарноста“, но тоа и понатаму е малку. Сега тие дела повторно се претставени, овојпат во МСУ, на изложбата „Дефрагментација“, која содржи дела од уметници од Вишеградската група. ’60-те години биле необично интересен период во полската уметност. Би можело да се направи проект што ќе направи пресек споредувајќи неколку „домашни“ колекции, и да се направи од тоа меѓународен потфат.

Музејот на современата уметност во Скопје, 1973. Фот. Нина Смолаж;
истата, Ludzka Solidarność i Architektura, „Polska“ 1973, бр. 9, стр. 52-53

Тоа што го кријат складиштата на МСУ е идеален материјал за заеднички истражувања. А освен тоа, таквите „подарени“ проекти на објекти, како на МСУ, се извонредни гестови. Веднаш ми доаѓа на ум Краков и Музејот на јапонската уметност и техника Манга. Триесет и неколкугодишниот јапонски проектант Арата Исозаки работи во 1965 година во Скопје на урбанистичкиот план на центарот, а триесет и неколку години подоцна, тој „цар на јапонската архитектура“ го создава проектот за Краков. Патем ќе додадам дека, според моето мислење, вреди подобро да се проучи какво влијание врз формата на јапонскиот предлог за Скопје имал тогаш младиот Арата Исозаки, кој во тоа време творел под називот на проектантското студио на својот учител, Кензо Танге. Успеав да воспоставам контакт со него, една година пред неговата смрт.

Панорама од ридот Кале во правец на централното подрачје на Скопје. Поштенска разгледница (датум на поштенскиот печат 23.11.1970), архива на авторката

Како гледате на Скопје од оваа временска дистанца, што е она што најмногу Ве привлекува, импресионира, но и Ве загрижува во него, како град кој се бори со предизвиците на 21 век?

– Скопје мора да си најде некаква идеја за себе. Светот се смени, доживуваме технолошка револуција. Стариот тип градови пред нашите очи одат во заборав. За градот и за просторот (вклучително и за јавниот простор) сега се размислува на сосема поинаков начин.

Плоштадот Маршал Тито (во моментов плоштад Македонија), крај на ’70-те години. Поштенска разгледница, архива на авторката

А Скопје упорно се држи за моделот од ’60-те години – забрзана урбанизација и моторизација. Скопје – „палимпсестот“ – сè уште го брише своето минато и „се труди да си покаже себеси и на другите дека не е такво какво што е“, овде ги парафразирам зборовите на проф. Живко Поповски, истакнатиот македонски архитект, проектантот на ГТЦ. А всушност тоа што ги фасцинира дојденците е мозаикот од култури, религии и јазици. Нас нè одушевува тој скопски калеидоскоп. Може да се гледа без да ни здодее, постојано откривајќи некаква нова, неповторлива композиција.

Сподели