Проектите од национален интерес ќе бидат поддржани со 17 милиони евра, што е за 1,5 милион евра повеќе од лани

За 10 милиони евра е поголем буџетот за култура проектиран за 2022 година, соопшти вчера министерката за култура Ирена Стефоска. За култура предвидени се 62 милиона 692 илјади евра (3.855.548.000 денари), што е 1,49 отсто од вкупниот буџет на Македонија. Десет милиони евра се предвидени за капиталните инвестиции кои и досега се изведуваа во фази: Турскиот театар во Скопје, Театар и библиотека во Тетово, театарот во Струмица, реконструкција на театарот во Куманово и на центрите за култура во Кочани и во Гостивар, за реконструкција и санација на покривот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Проектите од национален интерес ќе бидат поддржани со 17 милиони евра, што е за 1,5 милион евра повеќе од лани.

Ирена Стефоска / Фото: Министерство за култура

– Овој вкупен буџет за култура не е доволен, но е одговорно однесување кон народните пари во време на здравствена и на економска криза. Нашата крајна цел е буџетот за култура да биде 3 до 4 отсто – рече Стефоска.

Заштитата на културното наследство останува врвен приоритет и индната година. Министерството и на Управата за заштита на културното наследство ќе располагаат со 3 милиони и 200 илјади евра. И догодина ќе има посебен буџет за културно наследство во опасност – 195.000 евра.

За блок-дотации кон општините се предвидени речиси 6 милиони евра, а зајакнувањето на ЕУ-интеграциите во културата и грижата кон младите уметници остануваат во фокус.

Конкурсот годинава за првпат беше реализиран преку електронска апликација. Пристигнале вкупно 3.800 пријави. По административната проверка на доставената документација, било констатирано дека голем број од пријавите се пополнети со нецелосно исполнети барања. За нив има дополнителен рок од 15 дена. Речиси 2/3 од пријавите биле нецелосни.

– Корисниците што ќе добијат е-пошта, ќе можат да ги докомплетираат пријавите. Не треба да праќаат нова пријава туку само да го дополнат веќе доставените пријави што имаат архивски број. Веројатно ова се должи на небрежноста на апликантите, но не смееме да го осиромашиме квалитетот – рече Стефоска.

Рокот за дополнување на пријавите почнува денеска. Утвредно било и системско преклопување при прикачувањето на 93 пријави во издавачката дејност. И тие ќе бидат контактирани за да ги достават дополнителните ппдатоци. За комуникција со службите од министерството ќе бидат отворени дежурни телефони. Поради продолжените рокови резултатите од конкурсот наместо до 20 јануари, ќе бидат објавени до средината на февруари.

Наловна фотографија: Снимена во јуни од студенти што учат во НУБ

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.