Управата за заштита на културното наследство кубури со стручен кадар

Во делот на автентичната презентација на македонското културно наследство на домашно и меѓународно ниво, не биле одобрени финансиски средства во последните шест години, вели Весела Честоева, в.д. директорка на Управата, во интервјуто за Умно.мк

Во моментот во УЗКН работат тројца инспектори и еден помошник инспектор, но недостасува инспектор за архитектонско културно наследство. Сегашната бројка на вработени инспектори не ги задоволува потребите за квалитетно и навремено извршување на инспекциските надзори согласно прописите од Законот за заштита на културно наследство, вели Весела Честоева, в.д. директорка на Управата за заштита на културното наследство. Таа најавува дека ќе продолжат капиталните проекти на Плаошник и на Скопското Кале.

Неодамна стапивте на функција в.д. директор на Управата за заштита на културното наследство. Каква е состојбата во институцијата од првите согледувања?

– Во овие три месеци месеца откога ја презедов должноста, можам да констатирам дека методологијата на работа во делот на заштитата на културното наследство во изминатиот период се одвивал со намален буџет секоја година, од 16 до 23 отсто, со зголемен број на договори на дело и партизирање на институциите од областа на заштитата, но не со стручен кадар кој и тоа како е неопходен. Нерешени имотно-правни односи, долгиот период на постапките за експропријација на Аквадуктот, Скупи, Билазора и парцели во Охрид како и нефункционирањето и постапување по предмети од Комисијата на УНЕСКО уште од 2022 година. Со тоа се закочени многу предмети по кои Управата не била во можност да постапува. Во делот на автентичната презентација на македонското културно наследство на домашно и меѓународно ниво, не биле одобрени финансиски средства во последните шест години…

Пред Музејот на османлискиот период на Скопскот Кале

Необезбедувањето на средства во Буџетот на Управата за проектите на музеите на Скопско Кале – Музејот на праисторијата и Музејот на османлискиот период, како и Возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник придонеле пролонгирање на роковите за завршување на објектите, што значи и поскапување на градбите со што неосновано се потрошени повеќе буџетски средства во услови кога објектите сè уште не се во функција.

Во Управата во моментов има педесетина вработени, само неколку инспектори советници и еден помошник инспектор. Колкумина се неопходни за функционирање на институцијата? Како планирате да го решите проблемот?

– Во моментот во УЗКН работат тројца инспектори и еден помошник инспектор, но недостасува инспектор за архитектонско културно наследство. Сегашната бројка на вработени инспектори не ги задоволува потребите за квалитетно и навремено извршување на инспекциските надзори согласно прописите од Законот за заштита на културно наследство.

Имате ли првична оценка за состојбата со дивите копачи? Кои локалитети се нападнати или во опасност, каква е соработката со другите институции – МВР, Обвинителство, царински служби?

– Прашањето за активностите на дивите копачи е многу комплексно прашање и ние како Управа можеме да дадеме осврт само откако органите на МВР ќе ги откријат на терен како копаат или употребуваат опрема за детекција за која немаат дозвола. Имено, дивите копачи на самото место се откриваат и фаќаат исклучиво од страна на припадниците на МВР.

Полициска акција на диви копачи во декември 2022 / Извор: МВР

Ние како Управа согласно Закон постапуваме по добиена информација или известување од страна на стручните лица од надлежните Заводи и музеи и по допрен глас. Најчеста е соработката со припадниците на МВР, кои се на терен и ги откриваат сторителите на прекршоците, но секако соработка постои и со царинските органи и обвинителствата и таа се остварува најчесто во оној дел кога се бараат одредени податоци за правниот статус на предметите, идентификација документирање заради некоја постапка.

Во изминатите години имаше неколку сериозни ситуации со оштетување на културното наследство – копаа јаглен на Влахо во Пелагонија (кој во меѓувреме се покажа дека е најстара неолитска населба во Европа), поставуваа фотоволтаици во Спанчево кај Кочани (неолит), ситуацијата со хотелот Шар во Старата скопска чаршија, несоодветна конзервација на црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во Старо Нагоричане. Во сите овие случаи УЗКН е дирекно засегната, односно некој издавал дозволи за сево ова. Како ќе се справувате со овие ситуации?

– За случувањата со археолошките локалитети Влахо и „Св. Атанасиј“ кај Спанчево од страна на Управата и во двата случаи се поведени инспекциски постапки пред надлежните институции. За случајот со хотел „Шар“ од страна на Управата е изготвена информација за постапување до МВР со цел преземање на сите законски обврски.

Локалитетот во село Спанчево

Обвинители кои се занимаваат со состојбите во културното наследство велат дека УЗКН во своето постоење не поднела ниту една кривична пријава против лица кои оштетуваат културно наследство, иако може да го прави тоа. Како го коментирате ова и дали планирате да ја смените оваа пракса?

– Кривични пријави не може и не смее да се поднесуваат по лични видувања, за тоа се потребни и стручни експертизи со процена на штета за заштитени недвижни добра кои треба да се во комплет со кривичната пријава.

До пред 7 години УЗКН координираше неколку капитални проекти – археолошки ископувања, изградба на музеи и слично. Веќе најавивте дека ќе продолжи изградбата на објектите на Плаошник. Што со Скопското Кале?

– Да, веќе најавив дека со ребалансот на буџетот за 2024 година Владата обезбеди дополнителни 31 милион денари со што продолжуваат градежните активности на Плаошник со што би се завршиле фазите карабина и фасада и би се изработил проект за конзерваторско-реставраторски работи и партерно уредување на целиот археолошки локалитет.

Плаошник

До каде е подготовката на новиот Законот за заштита на културното наследство?

– Формирана е нова работна група со решение на министерот за култура и туризам за изработка на нов Закон за заштита на културно наследство. Во министерството постои нацрт верзија на новиот закон изработен од претходни групи, кој треба да послужи како појдовна основа да се продолжи со работа.

Сподели