Уживавме во петтиот елемент на џезот! Националниот џез оркестар е национално богатство

Moanin’, Hard Sock Dance, For Lena and Lennie, Soul Bossa Nova, Come Fly With Me, Billie Jean… беа само дел од одличната програма што завчеравечер ја слушнавме во Филхармонијата, во изведба на Националниот џез оркестар. Вечер посветена на композиторот, музичар, продуцент, легендарниот Квинси Џонс ни приреди оркестарот под водство на диригентот Владимир Николов. Тој беше полн погодок да го води оркестарот, имаше одлична комуникација со публиката, донесувајќи доволно важни информации за секоја од композициите и авторите. Слушнавме силни аранжмани, некои оригинални, некои подготвени и од диригентот Николов, кој живее и работи во Белград.

За многумина следбеници на работата на овој оркестар, ова беше најдоброто нивно издание досега. Затоа, бисот не беше ниту изненадување. За крај, музичарите ја отсвиреа Belly Roll.

На дел од композициите настапија и како вокален состав музичарите: Ана Петановска, Светлана Јовановска, Калина Велковска, Дејан Бобиќ-Дексо, Џон Илија Апелгрен и Сашо Гигов-Гиш. Сите во свое најдобро издание, а особено младата Ана Петановска која буквално ни покажа што умее. Гостин на концертот беше и басистот Дарко Мучев.

На програмата беа нумери од буквално првиот албум на Квинси Џонс издаден во 1959 година, ексклузивни неиздадени аранжмани, негови аранжмани за Френк Синатра и оркестарот на Каунт Бејзи и биг-бенд аранжмани на композиции од подоцнежниот поп период кога Џонс доминира како аранжер и продуцент. Гостинка на концертот беше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Многу соло-делници на Кирил Кузманов, Трајче Велков, Славко Ѓоргиев, Иван Иванов, Виктор Филиповски со право беа наградени со бурни аплаузи.

Концертот „Квинтесенција“ е одлична најава за оваа концертна година на Националниот џез оркестар, кој полека, но сигурно станува наше национално богатство.

Фото: Маја Аргакијева

    

 

Сподели