Уживам во посетата на Македонија: Луис Бонила и ЗЏМ биг бенд најавуваат концерт за паметење

Македонија е едно невообичаено место и уживам во посетата. Убаво е повторно да се биде тука, рече џез тромбонист Луис Бонила во пресрет на новогодишниот концерт со Биг бендот на Здружението на џез музичари на Македонија (ЗЏМ биг бенд) кој утревечер во 20 часот ќе се одржи во Филхармонијата.

– Овој концерт е важен чекор за креативноста и за музиката, бидејќи во оваа држава има многу талентирани музичари – додаде тој.

На концертот ќе има уште двајца гости – Дарко Бенчиќ од Хрватска, редовен член на Љубљанскиот биг бенд и Бојан Цветковиќ од Србија. Гоце Стевковски, преседател на Здружението на џез музичари најави дека ова е уште една фантастична можност да уживаме во квалителна музика која вреди да се слушне.

– Бонила има импресивна биографија зад себе, добитник е на награди, свирел во легендарни бендови. Воопшто не е наивна целата ова случка околу концертот, најмногу поради тоа што е еден од малкуте сериозни тромбонисти на планетава во моментов – рече Стевковски.

Луис Бонила е повеќекратен добитник на награди „Греми“, продуцент, композитор, аранжер и професор. Низ плодната кариера соработувал со некои од најголемите имиња во историјата на џезот – Вангард џез оркестра, Мингус биг бенд, Мекој Тајнер, Дизи Гилеспи, Лестер Боуви, Том Харел, Фреди Хабард, Вили Колон и Тошико Акијоши.

Сподели