Уверливо режисерско деби на Ралф Фајнс на операта „Евгениј Онегин“ во Париз

Иако ова е негово прво режисерско искуство во операта, Ралф Фајнс не настапува како ѕвезда што го „освојува“ новиот медиум, туку како внимателен и дисциплиниран читател на партитурата и либретото. Неговата лична историја со Онегин во филмската адаптација од 1999 година не се претвора во автобиографска декларација, туку во зрела режисерска позиција, лишена од холивидска суета, пишува нашиот соработник Звонко Димовски по ексклузивното искуство на „Евгениј Онегин“ на Париската национална опера

Специјално од Париз: Звонко Димоски

Новата продукција „Евгениј Онегин“ на Париската национална опера, изведувана во величенствената Палата „Гарниер“, се појавува како еден од најзначајните европски оперски настани на сезоната. Не само поради статусот на делото во светскиот репертоар, туку и поради режисерското деби на британскиот актер Ралф Фајнс. Во време кога оперската режија често се движи меѓу радикални концепти и визуелна преекспонираност, ова читање на операта на Чајковски изненадува со спротивен избор: тивка концентрација, психолошка прецизност и длабока доверба во музиката, текстот и играта на ансамблот.

Фото: Звонко Димоски

Евгениј Онегин со неговите лирски сцени инспирирани од романот во стих на Александар Пушкин се вбројува во оние дела што одбиваат да бидат спектакуларно „осовременети“ без отпор. Неговата драматургија не се темели на надворешни судири, туку на внатрешни несигурности, одложени одлуки и емоции коишто доаѓаат предоцна. Токму во таа морална и психолошка тишина Фајнс ја препознава суштината на делото.

Фото: Јутјуб/принтскрин

Иако ова е негово прво режисерско искуство во операта, Фајнс не настапува како ѕвезда што го „освојува“ новиот медиум, туку како внимателен и дисциплиниран читател на партитурата и либретото. Неговата лична историја со Онегин во филмската адаптација од 1999 година, не се претвора во автобиографска декларација, туку во зрела режисерска позиција, лишена од холивидска суета. Фајнс го третира делото како драма на човечките состојби, каде погледот, паузата и недоизговореното имаат подеднаква тежина како и музиката. Неговата „кинематографска“ осетливост се чувствува не во ефектите, туку во фокусот: сцените се градени како психолошки кадри, јасно читливи и прецизно темпирани.

Фото: Звонко Димоски

Сценографијата на Мајкл Левин ја поставува природата како активен драматуршки елемент: сребрените брези, лисјата и меката светлина во првите два чина создаваат простор на младешка илузија и морална отвореност, а пак снежната, студена палата во третиот чин ја материјализира внатрешната пустина на Онегин. Визуелната логика е чиста, симболички јасна и ненаметлива до самиот крај, кога во последниот чин гратската палата ја освојува црната боја.

Фото: Звонко Димоски

Во оваа продукција, хорот има исклучително важна наративна и визуелна улога. Групните сцени, како што беа селските собири, балските секвенци, јавните ритуали итн., изведени се со маестрална прецизност и чувство за колективна драматургија. Хорот не е само звучна маса, туку активен носител на општествениот контекст, моралниот притисок и времето во кое ликовите се движат. Овие сцени се меѓу највпечатливите моменти на вечерта, токму поради нивната јасна структура и визуелна читливост за кои заслужни се кореографката Софи Лаплејн и хор мајсторката Чинх-Лиен Ву. Огромна заслуга за тоа имаат и фантастичните, раскошни, но исклучително функционални костими на Анемари Вудс, кои не ја задушуваат сцената, туку ја организираат. Тие се истовремено богати и лесно читливи, јасно разграничувајќи класи, простори и психолошки состојби, а во групните сцени создаваат впечатлива визуелна партитура што ја следи музиката.

Под диригентската палка на Семјон Бичков, Оркестарот на Париската опера звучи богато, но трпеливо и дисциплинирано. Бичков ја води партитурата со јасна архитектура и чувство за драмска напнатост, овозможувајќи сценската акција и вокалните линии органски да се развиваат. Музичкото водство совршено се вклопува со режисерската логика на воздржаност и внатрешен интензитет.

Фото: Звонко Димоски

Иако насловот сугерира поинаку, вистинската ѕвезда на оваа продукција не е Онегин, туку Ленски. Богдан Волков создава лик со исклучителна емотивна и вокална сила, правејќи го Ленски моралниот и емоционалниот центар на претставата. Неговата интерпретација е благородна, ранлива и длабоко човечка, носејќи ја трагичната линија на делото со ретка убедливост, особено во сцената пред дуелот, која останува еден од најсилните моменти на вечерта. Наспроти тоа, Онегин, во интерпретација на Борис Пинхасович, намерно или не, се доживува како ладен, недопадлив и повремено одбивен лик. Наместо романтичен антихерој, тој делува како емоционално затворен човек што тешко предизвикува емпатија, пришто публиката не ја следи неговата катарза со идентификација, туку со дистанца, што дополнително го нагласува трагизмот на Ленски и зрелоста на Татјана. Рузан Манташјан создава впечатлива интерпретација на Татјана, во која вешто ги спојува младешката наивност со длабоката внатрешна сила, при што нејзиниот развој низ чиновите е обликуван со извонредна вокална сигурност и драмска јасност.

Фото: Јутјуб/принтскрин

Во целина, оваа продукција на „Евгениј Онегин“ не се потпира на фактот дека зад неа стои филмска ѕвезда, туку напротив, таа тивко, но убедливо го неутрализира тој податок. Ралф Фајнс не ја користи својата слава како гаранција за авторитет, ниту пак се обидува да ја капитализира сопствената препознатливост во корист на режисерска егзибиција. Наместо тоа, тој настапува со јасна свест дека операта е автономна уметничка форма со сопствени закони, ритам и одговорности. Токму во таа свесност се наоѓа клучот на ова деби: Фајнс ја заслужува својата позиција на оперската сцена не поради статусот што го носи од друг медиум, туку поради зрелоста, дисциплината и длабокото разбирање на делото што го поставува. Фајнс покажува редок слух за релацијата меѓу сцената и партитурата, за темпото на емоционалниот развој и за значењето на групната игра, квалитети што не се подразбираат, особено кај режисерско деби. Во таа смисла, ова не е настап на актер што „влегува“ во операта, туку на уметник што ја прифаќа нејзината комплексност и ѝ пристапува со почит. Ова деби е уверливо токму затоа што не се обидува да биде историско. Тоа не го менува текот на оперската режија, но покажува нешто подеднакво важно: дека преминот од еден медиум во друг може да резултира со вистинска уметничка вредност кога е воден од знаење, скромност и искрена љубопитност.

Звонко Димоски

Фото: Јутјуб/принтскрин

Сподели