Уште три награди за „Шеќерни луѓе“ на Сузана Диневски

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски е награден со уште 3 нови награди: за најдобар краткометражен филм на тема за жени (Best Women’s Issue Short) на Фестивалот на независен филм во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати, за најдобар eвропски краток филм на Фестивалот на краткометражни драмски филмови (Night of Drama Shorts) во Италија и за најдобра актерка во краткометражен филм (Сара Климоска) на Меѓународниот филмски фестивал Лулеа во Шведска (Luleå International Film Festival).

Филмот „Шеќерни луѓе“ досега има освоено вкупно 10 награди во различни категории на повеќе меѓународни фестивали за краткометражни филмови. Воедно, филмот се прикажа и е во селекција на 32 филмски фестивали во САД, Канада, Англија, Франција, Германија, Италија, Шпанија, Австрија, Шведска, Албанија, Турција, Романија, Обединети Арапски Емирати, Парагвај, Венецуела и Аргентина.

Ова е 4-та награда за најдобра актерка за Сара Климоска за филмот „Шеќерни луѓе“. Претходно ја освои наградата за најдобра актерка на Kiez Berlin Film Festival во Германија, на Reale Film Festival во Италија и на Art Film Spirit Awards во соработка со Toronto Film Magazine во Канада, каде што наградата за најдобар актер исто така ја освои Филип Трајковиќ. Дополнително „Шеќерни луѓе“ освои и награда за најдобар постер на „Toronto Women Film Festival” во Канада (дизајнер на постерот е Коста Лазаревски) и има освоено 2 награди за најдобра филмска музика компонирана од Дуке Бојаџиев на фестивалите Chicago Shorts во САД и Cine Paris Film Festival во Франција.

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.

Сподели