Филмот на македонската режисерка Теона Стругар Митевска „Најсреќниот човек на светот“ и грчко-германско-македонската копродукција „Зад стоговите сено“ на Асимина Проедру се меѓу првите 19 наслови што влегоа во селекцијата на Европските филмски награди. Втората потесна група филмови ќе се знае во септември, а за филмовите гласаат 4.600 члена на Академијата.
На 7 ноември ќе бидат објавени номинациите во категориите: најдобар европски филм, режисер, актер, актерка, сценарист и европски документарен филм,а свеченото доделување на наградите, веќе традиционално се случува на 9 декември во Берлин. Еден од условите за квалификација за наградите е филмот кандидат да има режисер од Европа.

Филмот на Митевска е македонска мнозинска копродукција со 5 земји, меѓу кои и БиХ. Премиерата беше лани на Венецискиот филмски фестивал во програмата Хоризонти, а македонската премиера беше на 2 септември. Беше годинешен македонски кандидат за скар за најдобар странски филм.
Филмот, кој е целосно на босански јазик, се случува во Сараево и е заснован на вистинска приказна на косценаристката Елма Татарагиќ. Дејството ги следи 40-годишната Асја и 43-годишниот Зоран, кои се запознаваат на настан на барање партнер. Сепак, Зоран не бара љубов, туку прошка. За време на војната во БиХ, тој пукал на градот од противничката страна и сака да ја запознае својата прва жртва.
Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје 5 недели, а една недела во Сараево. Од македонските актери, во филмот играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ, а играат и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.
Со буџет од 1.45 милиони евра, филмот е копродукција на Македонија, БиХ, Данска, Хрватска, Словенија и Белгија, при што Агенцијата за филм учествуваше со 487.000 евра, а доби поддршка и од Еуримаж. Францускиот „Пирамид“, еден од најголемите европски продажни агенти, ги има правата за пласирање и на новиот филм на Митевска.
Лабина Митевска е носечка продуцентка на филмот преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски“. Директорка на фотографија е Белгијката Вирџини Сент Мартен, сценограф е Вук Митевски, костимите ги изработи Словенката Моника Лорбер, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а монтажер е Пер Киркегард од Данска.
Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“/”Behind the haystacks” на младата грчка режисерка Асимина Проедроу, доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија.
Дебитантскиот игран филм на Проедроу постигна исклучителен успех на церемонијата на доделување на наградите на Грчката филмска академија (Hellenic Film Academy Awards 2023), што се одржа на 27 јуни во Атина, Грција. Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди и тоа: за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.
Наградите на Грчката филмска академија 2023 или Грчките Ирис награди (Hellenic Iris Awards) се збир на награди кои секоја година ги доделува Грчката филмска академија за извонредност на филмските достигнувања во грчката кинематографија.

Македонски продуцент е „Сектор филм“, предводен од продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Премиерата на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022 година, каде доби шест награди. Веднаш потоа беше награден за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа – Индија.
Снимањето на филмот се одвиваше на територијата на Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во Северна Македонија во текот на 2021 година, кога сѐ уште беа на сила ковид-протоколите. Дејствието на филмот се одвива во 2015 година. Приказната во филмот зборува за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Северна Македонија.
Филмот беше поддржан како малцинска копродукција од страна на Агенцијата за филм на РСМ и од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела на Советот на Европа – Еуримаж. Главен продуцент е „Аргонаутс продукција“, која соработуваше со „Сектор филм“, продуцентска куќа од Скопје, и „Фикшн парк“ (Fiction Park) од Германија.





