Нашата обврска е до 1 февруари 2026 година со Република Албанија да доставиме извештај за напредокот во заштитата на Охридскиот Регион. Тоа е предизвик, но и можност да покажеме дека кога станува збор за национален интерес, можеме обединето и одговорно да делуваме, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на вчерашната седница на Националната комисија за УНЕСКО. На состанокот се дискутираше за одлуката и за заклучоците од 47. Сесија на Комитетот за светско наследство во Париз, со која на Македонија и на Албанија им беше даден дополнителен рок од една година за спроведување на корективните мерки, за да се обезбеди зачувување на статусот на регионот и неговата универзална вредност.
– Овој временски период не смее да го сфатиме како одложување, туку како обврска за забрзана акција. Владата на седницата во јули годинава веќе донесе заклучоци кои се во постапка на имплементација, а Министерството за култура и туризам активно учествува со свои претставници во сите работни групи – рече Љутков.
Владата ги задолжила Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и туризам и општините Охрид, Струга и Дебарца да подготват предлог за изменување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион. Дополнително, ќе се разгледа Планот за управување со посебен акцент на урбанизацијата и бесправно изградените објекти, а ќе се работи и на спроведување на препораките од Извештајот на УНЕСКО.





