Македонската научничка Светлана Мојсов ја доби престижната награда „Граници на знаењето“ (The Frontiers of Knowledge Award) заедно со нејзините колеги Даниел Друкер, Џоел Хабенер и Јенс Јуул Холст. Наградата ја доделува фондацијата BBVA Frontiers of Knowledge во областа на биологијата и биомедицината, а четворицата научници ја добија за откритијата кои го поттикнаа развојот на лекови од новата генерација против дијабетес и дебелина. Комбинираната работа на лауреатите ја разјасни биолошката функција на хормонот познат како GLP-1, кој се создава во тенкото црево по внесувањето храна и игра фундаментална улога во одржувањето на нивото на гликоза и во регулирањето на апетитот.
„Овие наоди се искористени за да се развијат нови терапевтски средства за лекување на дијабетес тип 2 и дебелина“, вели комисијата што одлучува за наградата.
– Четворицата научници ги поставија биолошките основи за она што не е ништо помалку од фармаколошка револуција. Нивната работа го мапираше патот до новата генерација на лекови кои се ефикасни и за лекување на дијабетес и за значително губење на тежината кај оние кои страдаат од дебелина, истовремено помагајќи во борбата против кардиоваскуларните проблеми поврзани со оваа болест – рече членот на комитетот Дарио Алеси, од Универзитетот во Данди (Обединето Кралство).
Третманите базирани на хормонот GLP-1 покажаа возбудлив терапевтски потенцијал кај невролошки состојби, како што се Паркинсоновата и Алцхајмерова болест и нарушувањата на зависноста, а сега се водат студии за да се измери нивната ефикасност.
Целиот текст на линкот.
Насловна фотографија: Принтскрин





