Наградата „Млади хоризонти“ ја освои долгометражниот анимиран филм „Златната пеперутка“ со Биби и Боби. Наградата ја доделува CEE Animation Forum што се одржа во Плзењ, Чешка. На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната пеперутка“, по MIA Development Award освоена минатиот месец на MIA Market во Рим, еден од водечките европски филмски пазари.
„Златната пеперутка“ е еколошка авантура. Јунаците Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска крепост, Светот на Биби и Тун моушн студиос, а филмот е копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.





