Уршка Ристиќ: На проекцијата на „Тело“ на „Македокс“ едноставно уживав

Кога првпат кога го гледав филмот, се чувствував како во шок-состојба. Вториот пат на премиерата во Сараево го слушав само мојот глас. На проекцијата на филмот на „Македокс“ едноставно уживав, рече Уршка Ристиќ од Словенија, некогашна манекенка, а денес пијанистка на премиерата на докуметарниот филм „Тело“ на Фестивалот „Македокс“ во Скопје. Нејзиниот живот е во фокусот на филмот во режија на Петра Селишкар. Премиерата во Куршумли-ан беше дочекана со видна возбуда. Покрај Ристиќ, на премиерата присуствуваше и голем дел од филмската екипа заедно со пријатели и соработници од повеќе држави.

Екипата на „Тело“

Селишкар ја искористи можноста пред македонската публика да им заблагодари на сите учесници во процесот на снимањето, монтажата и постпродукцијата на филмот, кои со својот ангажман се вгладиле себеси во „Тело“. Филмот е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, нашата Агенција за филм, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег. Светски дистрибутер на филмот е „Лајтдокс“ (Lightdox).

Истата вечер на „Македокс“ се одржа проекција и на документарниот филм „Спроти ветрот“ на индиската режисерка Сарвник Каур, чија монтажа ја правеа монтажерите Атанас Георгиев и Благоја Неделковски, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Приказната во филмот ги прикажува спротивностите помеѓу традиционалниот и модерниот начин на ловење риба во Индија и низ конфликтот на двајца рибари се прикажува современото индиско општество. На проекцијата на филмот беа присутни монтажерот Неделковски и композиторот Василев.

Од програмата за 22 август каде што има учество на македонски автори е и краткиот филм „Починка“ (Германија, Македонија / 2022 / 30′) на Анабела Ангеловска. Филмот зборува за илјадници млади луѓе од Македонија кои беа регрутирани да работат во кујните и пералниците на американските воени бази во Авганистан и Ирак. Многумина од нив се вратија дома со повлекувањето на последните војници од Авганистан во 2021, а со себе понесоа не само бргу заработени пари кои ги вложија во недвижнини, туку и белези од трауматичните спомени.

Сподели