Четири романи останаа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Станува збор за:
– „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“);
– „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“);
– „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“);
– „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ („Арс Либрис“).

Жирито со кое претседава минатогодишната добитничка на наградата, Симона Јованоска, а во кое членуваат Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе го соопштат името на лауреатот во средна, на 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка. „Роман на годината“ годинава се доделува по 24. пат, а на годинашниот конкурс пристигнаа 35 романи.





