На 23-те факултети што се во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје уште денес се реализира првиот рок за пријавување кандидати за упис во прва година за претстојната академска година. Според Конкурсот на УКИМ, за студиската 2023/2024 година слободни се 10.473 места, од кои 5074 за редовни студенти финансирани од државниот буџет, 4439 за редовни со кофинансирање на студиите и 960 за вонредни студенти, а може да се запишат и странски студенти за кои има или утврдено број или процент од вкупниот број запишани студенти на одредена студиска програма.
Со над илјада слободни места за повеќе студиски програми и годинава се Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство/ФИНКИ (1150), Природно-математичкиот факултет (1050) и Правниот факултет (1055). Филозофскиот факултет располага со 915 слободни места за бруцоши, Филолошкиот факултет – 775, Медицинскиот – 760, Економскиот факултет – 700, Машинскиот – 600, Факултетот за електротехника и информациски технологии/ФЕИТ – 570…
Според проф. д-р Христина Спасевска, проректорка за настава на овој универзитет, кандидатите може да изберат 195 студиски програми во првиот циклус студии. Таа за МИА изјави дека следејќи го бројот на веќе пријавените кандидати електронски и се очекува бројот на матурантите што сакаат да студираат во Скопје да остане како претходната година.
Прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот на кандидатите од средно образование ќе биде објавена на 4 септември. На факултетите на кои покрај успехот од средно училиште има и приемен испит, проверката на знаења и умеења е на 1 септември, а прелиминарната листа со резултатите ќе биде објавена на 6 септември. Конечната ранг-листа на примени на сите факултети ќе биде објавена на 11-ти, а на 12 и 13 септември е запишувањето на кандидатите кои од 1 октомври ќе бидат студенти на УКИМ.
Вториот рок за уписи на Скопскиот универзитет е на 18 и 19 септември, а третиот, каде што ќе останат слободни места, ќе биде на 28 септември.