Состојбите со славистиката во Унгарија и Македонија беше една од темите на кои се разговараше за време на работната посета на проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Мартиновски беше гостин на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, којшто го води Златко Панзов и имаше можност лично да се запознае со состојбата и предизвиците со кои се соочува Лекторатот.
Владимир Мартиновски (лево) и Роберт Киш-Семан
Мартиновски оствари работна средба со проф. д-р Роберт Киш-Семан, директор на Институтот за славистика и балтичка филологија во чиишто рамки функционира Лекторатот по македонски јазик. Покрај состојбите со славистиката во Унгарија и Македонија, на состанокот беа договорени конкретни чекори за соработка, размена на колеги и студенти, учество на конференции и научни собири. Киш-Семан ја потврди поддршката и подготвеноста за подигнување на нивото на изучување на македонскиот јазик, бидејќи конечно се созреани условите за еден таков чекор.
Мартиновски се сретна и со проф. д-р Оршоја Ретхеји, заменик декан на Факултетот за хуманистика при Универзитетот ЕЛТЕ. Тие разговараа за предизвиците со кои се соочува високото образование во двете земји и разменија мислења и идеи за идна соработка. Лекторот Панзов ја запозна Ретхеји со работата на Лекторатот по македонски јазик и плановите за развој на македонистиката во Унгарија.
При својата посета Мартиновски го промовираше зборникот „Македонски историско-книжевен мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik). Зборникот претставува избор на научни текстови кои овозможуваат преглед на историскиот развој, особеностите и новите тенденции во македонската книжевност. Изборот на текстовите го направи Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија, текстовите на унгарски јазик ги преведе Анамарија Цинеге-Панзова, докторанд на Докторската школа за словенски книжевности. Зборникот излезе во реномираната едиција Opera Slavica Budapestinensia.
Пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија, Мартиновски одржа и предавање на тема „Македонската поезија во дијалог со музиката“. Предавањето беше заокружено со неколку македонски песни во изведба на музичкото дуо BudaPesme.
Според Панзов, ваквите посети уште поцврсто ја засилуваат позицијата на македонистиката во Унгарија. Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта бележи зголемен интерес за изучување на македонскиот јазик и култура, 30-40 студенти ја посетуваат наставата по македонски јазик секој семестар.