УНИЦЕФ: Одложувањето на учебната година треба да биде мерка од привремен карактер

Одложувањето на учебната година треба да биде мерка од привремен карактер, а затворањето на училиштата за физичко присуство мора да биде последна мерка, порача претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани.

– Знаеме дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и се чини дека физичкото присуство на настава во училиште не е главниот двигател на ширење на инфекцијата. За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01% нови случаи дневно кај учениците и 0,03% кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2.600 на 11.000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците – вели ДиЏовани.

Таа истакнува дека уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата.

– Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо. Затоа секогаш кога е можно треба да се избегнува затворање на училишта на ниво на целата држава. 2022 не смее да биде уште една година на нарушено учење. Треба да биде година во која образованието и најдобриот интерес на децата ќе имаат првенствена важност – вели ДиЏовани.

Сподели