УНИЦЕФ испорача нова количина опрема за лична заштита во вредност од 340.000 долари, која се донира во институциите од областа на здравствената грижа, образованието и детската заштита во земјава. Донацијата потекнува од Глобалното седиште на УНИЦЕФ за снабдување и логистика.

Во донацијата со опрема за лична заштита има над 260.000 хируршки маски за една употреба и околу 209.000 висококвалитетни калјачи. Донацијата за Министерството за здравство главно ќе се употреби како дополнување на залихите што им се на располагање на институциите за здравствена грижа во целата земја. Дел од донацијата ќе им биде на располагање и на образовните установи и на установите за заштита на децата.

– Со пандемијата на коронавирусот живееме повеќе од 18 месеци и научивме дека ковид-19 не е само здравствена криза, туку и криза на информирање и криза на правичност, која имаше социо-економски последици по семејствата и децата. Овозможувањето пристап до суштинските услуги во здравството, образованието и детската заштита мора и понатаму да биде приоритет за да се намали ризикот пандемијата да остави трајни последици по животите на децата. Донацијата е дополнување на постоечките количини за работниците во првите борбени редови да можат да продолжат да им ја обезбедуваат најквалитетната нега на семејствата и децата – изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Од почетокот на пандемијата на ковид-19, УНИЦЕФ го поддржува Министерството за здравство во справувањето со КОВИД-19 со цел да ги амортизира ефектите од пандемијата  врз децата и семејствата. Освен што го поддржува зајакнувањето на здравствениот систем, во рамките на редовната соработка со Министерството, УНИЦЕФ има донирано респиратори за здравствените установи во вредност од над 215.000 долари и дополнителни количини опрема за лична заштита и тестови за САРС-Ков-2.

– Го поддржавме воспоставувањето здравствено советување преку телефон за патронажни сестри и телефон за помош на бремени жени и мајки на новороденчиња; дистрибуиравме хигиенски пакети во најранливите заедници; помогнавме во развојот на стратегијата и материјалите за комуникација на ризик; ја поддржавме психосоцијалната поддршка за децата и семејствата и активности да се зголеми стапката на имунизација – велат од УНИЦЕФ.

УНИЦЕФ има седумдесет и пет годишно искуство во одговор на кризни ситуации и во обезбедување неопходна помош кога е најпотребна, со глобална мрежа од над 1000 снабдувачи на медицинска опрема, најголемиот хуманитарен склад на светот, силни глобални и локални партнерства и поддржувачи.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.