Умно.мк и Europe House Скопје – 10 колумни на 10 автори во „Надреден знак“

Содржина на која посебно сме горди во 2023 година е серијата колумни обединети под насловот „Надреден знак“ (#Умна мисла), што ја реализиравме во соработка со Europe House Скопје. Десетмина автори, интелектуалци со задоволство прифаќаа да бидат дел од оваа приказна, во која зборувавме за теми што се важни – екологијата, доброто образование, значењето на спортот, културата. Ви ги споделуваме сите десет колумни на авторите: Домника Кардула, Анита Божинов, Дуња Иванова, Венко Андоновски, Милчо Ѓорѓиевски, Бојан Лазаревски, Марија Милошевска, Ана Василева, Маргарита Арсова и Никола Маџиров.

Проф. д-р Анита БожиновЗа жал, немаме резервна планета

Секојдневниот живот и трката за негово унапредување и олеснување носат многу нови технолошки решенија и предизвици кои се придружени и со многу негативни последици. За жал, последиците многу пати се такви што оставаат трајни нарушувања на природната рамнотежа која сериозно се заканува на нашата планета во повеќе сектори. Климатски промени, намалени/или комплетно испразнети природни извори на многу суровини, загадени океани и мориња, загадена животна средина…
Сведоци сме на многубројни конференции, усвоени и потпишани многубројни стратегии и декларации на меѓународно и на национално ниво за регулирање и контрола на сите загадувачи, емисии и имисии во сите медиуми, на сите ресурси. Во рамките на големите истражувачки програми (HORZONT, LIFE) се изработени огромен број проекти со иста крајна цел: „Чиста и безбедна животна средина“ и „Одржлив развој, одржливо живеење“.

Марија МилошевскаСо што се китиме

Самото суштествување подразбира творење, креирање, оживување на нешто. Во процесот на креирање на културата накитот претставува еден вид систем од наследени форми изразени преку симболи, со чија помош луѓето комуницираат, опстануваат и го развиваат своето значење и знаење за светот, но и за својот живот.
Накитот е безвремен симбол на идентитетот, статусот и митологијата во човековата култура. Уште од камено време, па сѐ до денес, накитот игра значајна улога во материјалната и духовната ориентација на човекот.

Бојан ЛазаревскиЕразмус – порта кон светот на можностите

Овозможувајќи непроценливи искуства и можности за личен, академски и професионален развој кај младите, програмата за мобилност Еразмус+ за краток период стана трансформирачка сила за младите луѓе во Европската Унија и преостанатите земји членки на програмата меѓу кои спаѓаме и ние. Мојата поврзаност со програмата почна уште како средношколец, кога самиот почнав да барам и најдов организации што работаат со различни проекти и обуки кај нас, но и претежно во странство. За кратко време веќе учествував на најразлични проекти во Европа. Велат, кога умот на еден човек ќе искуси нови хоризонти, тој никогаш повеќе не се враќа во претходната состојба. Така, по првата размена во странство, продолжив да барам нови можности и да учествувам на многу кратки мобилности низ Европа бидејќи секогаш се враќав задоволен и со многу нови знаења и перспективи.

Ана ВасилеваПриказните (ќе) го (из)лекуваат човештвото

Повод за овој текст се дваесетината изданија на ПичПрич, настан посветен на раскажувањето приказни, кој се одржува повеќе пати годишно од 2016 година, и неколкуте изданија на ПичПрич во рамките на Викендот на гордоста, каде што темата секогаш е иста – „Срамота!“
ПичПрич е иницијатива чија цел е да ја негува женската усна историја, односно да ги претстави и да им даде значење на сите оние важни настани, појави и превирања за кои не се сметало дека „заслужуваат“ да влезат во официјалната, канонизирана историја затоа што претежно им се случувале на или ги вршеле жените.

Венко АндоновскиБоговите не се фотографираат (Како ќе го помнам Кундера)

Кога пред дваесет и три години, во една викендичка во Берово го пишував романот „Папокот на светот“, се решив на една постмодерна игра: решив ликовите од вториот дел на романот да ги именувам со имињата на ликовите од романот „Шега“ на Милан Кундера. Не само што наоѓав паралела меѓу тоталитарните амбиенти во кои „живееја“ моите ликови од Папокот и оние на Кундера од Шега, туку пред сè го сторив тоа затоа што „Шега“ беше (и до ден-денес остана) еден од моите омилени романи.
Ако некој тогаш, во тој септември пред дваесет и три години ми кажеше дека по дванаесет години сепак Милан Кундера ќе седи спроти мене и ќе ме праша – зошто сум ги позајмил имињата на неговите ликови, сигурно ќе мислев дека човекот има смисла за фантастика. Но ете, јас, дванаесет години подоцна сепак седев спроти Кундера, со што се докажа дека неможното всушност и не постои. Дури и кога не се остварува, неможното бдее над нас како потенцијалитет.

Никола МаџировДрвјата не убиваат, зарем не?

Кога палестинскиот поет Махмуд Дарвиш го доби „Златниот венец“ на СВП во 2007 година, на прес-конференцијата му беше дофрлено провокативно прашање кое тој го дочека со тишина во очите: „Како се чувствувате сега, кога засадивте дрво во истиот парк во кој дрво има засадено и вашиот ‘непријател’, израелскиот поет Јехуда Амихај?“ Следуваше драмски нережиран молк по кој тој смирено одговори: „Има многу песни од Амихај кои и самиот би ги потпишал како свои, а веројатно и Амихај би го рекол истото за некои мои песни доколку беше жив. А, на крајот на краиштата, видел ли некој некогаш едно дрво да убие друго дрво.“
Се сеќавам на една долга прошетка на северот од трепетливата Калифорнија, низ длабоките шуми со џиновски црвени секвои, во кои сите стебла беа исповрзани едни со други преку долгите разгранети корења по кои газеа дивите животни и уморните туристи кои секогаш гледаа нагоре кон врвовите на дрвјата што како стрелки за задолжителен правец покажуваа кон авионите со кои тие посакуваа да се вратат дома, во сигурноста на препознатливите ѕидови, гласови и рутини.

Дуња ИвановаДали една жена смее да биде насмеана

Блазе тебе што имаш време за себе. Лесно ти е тебе со таа професија. Децата ти се сега малку пораснати, па можеш да излезеш да спортуваш. Таква си ти од мала, амбициозна. Не мислиш дека живееш пребрзо? Не купувај карго-велосипед, како ќе возиш две деца на него, немаш ни 50 кила. Маунтинбајк?! Немој, чувај ги рацете, па ти си пијанист.
Колку луѓе на светов, толку изговори. Уште толку повеќе право да се анализира туѓиот живот, да се создава мистика од нечија среќа. Зашто насмеан човек во нашето секојдневие е како марсовец кој го изгубил патот до дома.
Дали една жена смее да биде насмеана? Дали една жена професионалец во својата област, сопруга или штотуку реализирана како мајка смее да продолжи да живее слободно? Дали е нормално таа да биде среќна, задоволна со себе, привлечна? Дали нејзиниот партнер го одобрува тоа?

Милчо ЃорѓиевскиОд хоби во пандемија до кожарски занает

По прележан ковид, некаде кон крајот на летото господово 2021, едно попладне скролајќи на „Фејсбук“ без никаква причина, ми излезе реклама: „Како да направиш рачно паричник од кожа“. Веднаш го кликнав линкот, сосема несвесен за „последиците“… Се отвори страница со некои основни, почетни чекори како се изработува еден паричник. Се изначитав на англиски, имаше и фотографии од процесот на изработка и си помислив: „Ова e добар вентил за ново хоби. Имам парчиња кожа во дуќан кај татко ми, кој е тапетар веќе 35 години. Ќе се обидам…“
Првиот модел што го изработив беше предизвик да видам колку сум способен за овој занает. Успешно го изработив, криво-лево што велиме ние во Ресен, но сепак ми беше голема мотивацијата да продолжам понатаму. Инаку, тапацирањето ни е семеен занает со кој се занимавам скоро 20 години, од тинејџерските денови го почнав со татко ми и сè уште го работиме заедно…

Маргарита Арсова Драг МКЦ, ти благодарам што правиш се за инает на ветрот

Драг МКЦ,
Ти го пишувам ова писмо со огромно задоцнување, од скоро една година. Сепак, и за тоа имам изговор – годината беше неверојатно тешка и трауматична. Сега од дистанца, кога ќе погледнам наназад, беше година во која најтешкото го извлече најсилното од сите нас. Година во која покажавме дека можеме да издржиме, да се соочиме со себе, со непредвиденото, со она што лебди во воздух како тежина од оловен памук врз нашите глави. Но, и оловото има слаба точка. Кога е загреано е лесна аморфна маса која може да се адаптира кон надворешната околина пред силно да стврдне и да стане непробојно. Така и ние.
Сеедно, наскоро ќе заврши 2023, а мене ми падна таа огромна чест да напишам писание за тебе и да те раскажам во неколку страници, за оние „деца од 7 до 77“ на кои МКЦ им оставил белег. Не можам да зборувам во името на сите, секој има своја лична приказна со тебе. Но сепак, можам да ги позајмам очиве, па да се обидам низ нив да го согледаме нашето заедничко растење.

Домника КардулаБлагодарам што постоиш

– Она кога деветгодишната аутистична ќерка ќе ти каже: „Мамо, дојди!“, а тебе ти звучи како да ти ја раскажала „Војна и мир“. Ова е мој твит од 2016 година.
Еден од многуте примери што ми потврдија дека се разликувам од другите мајки што имаат деца со типичен развој и дека мене радост ќе ми приредува еден нов збор, работи и активности кои за другите се вообичаени и не ги забележуваат, затоа што се подразбираат, а мене ми се чини како моето дете да искачило врв на планина. Ерато отвори еден нов свет за мене и за моето семејство.

Сподели