Битола, на крајот на август беше центар на уметноста на пишувањето благодарение на првата бесплатна работилница за креативно пишување што се одржа во рамките на „Битфест“. Настанот се одржа во релаксираниот амбиент на „Порта џез“ и привлече љубители на пишаниот збор од сите генерации, кои имаа ретка можност да се запознаат и учат од реномирани македонски писатели. Иницијатор на работилницата беше битолската писателка Јасмина Атанасова, која успеа да ги собере на едно место Ана Јовковска, Дарко Лешоски, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски. Секој од нив со својот уникатен пристап кон пишувањето, својата страст и инспирација, го сподели своето богато искуство со присутните.

Пармаковска го потенцира значењето на љубовта кон пишувањето и читачкото искуство потенцирајќи дека пишувањето најнапред треба да се сака, па да се учи.
– Не може да се биде писател без едно големо, обемно и квалитетно читачко искуство – рече Парамаковска и додаде дека писателите учат многу од својата публика, а особено радува младата публика која има силен интерес за културни настани.

Андоновски рече:
– После сите гостувања на саеми и фестивали низ Европа, во Битола (по прв пат!) ми се потврди дека нема поубава публика од домашната. Се гордеам што сите три настани беа преполни со луѓе!
За него, талентот е темелот на сè, додека техниките и процесот на пишување се нешта кои можат да се научат и усовршат:
Лешоски, со својот препознатлив хумор и инспиративен поглед кон светот рече дека Битола за него е секогаш како убава жена која ја молиш со солзи на очи да престане да те смее. За него, пишувањето е уметност која треба да се негува од најмала возраст, како и да се сфати дека дури и „најубавата муза не ги нашла мрзливите и оние кои не биле никогаш тука.“
За Јовковска најголема сатисфакција од трите работилници за креативно пишување е тоа што дошле луѓе од 17 до 77 години и што седеле и на скали по неколку часа за да слушаат.
– Луѓето се навистина жедни за култура. Прекрасна енергија и одлична организација! – рече Јовковска.
(Љ.А.)
Фото: Ивона Кочов





