Творештвото на Димитар Кондовски синоќа во Даут-пашиниот амам ја манифестираше сета своја величина и моќ. Скопје и Македонија како да се преродија по двегодишниот мрак што го донесе пандемијата. Ова не е прва ретроспектива што се отвора во изминатиот период во Националната галерија, ама како да беше прв свеж здив по долго, долго време. Беше вдахновение.

Преполни беа салите на уметничката галерија на почетокот на Старата скопска чаршија. Најголем дел од публиката без маски, насмеани, како да се гледаат првпат по неколку децении. Се прашуваа колку време поминало, навистина ли биле „само“ две години, оти како да поминале децении, столетија. Имаше луѓе од сите возрасти – семејството, пријатели, државниот врв, дипломати, современици на Кондовски, ликовни уметници, историчари на уметноста, студенти, љубители и почитувачи на неговото творештво.

Ликовниот критичар Емил Алексиев, автор на текстот во каталогот и близок пријател на семејството Кондовски раскажуваше за овој пилар на современата македонска уметност со посебна жар. Преку неговите зборови фигурата на Кондовски како навистина да стоеше меѓу сета таа толпа народ, а ние, неколкумина што ги слушавме анегдотите како да очекувавме навистина да се појави.

Димитар Кондовски преку скриените знаци, симболи, пораки во неговите комплексни дела нè поведе низ Голема Пешт, Тумба Маџари, преку Скупи и зографите на „Св. Пантелејмон“ во Нерези, и светците на Михајло и Евтихиј, и неговите светци, и пајакот на ѕидот под прозорецот со плетеното перде… Како некој стар шаман од легендите, Кондовски синоќа ја обедини публиката и повторно ја покажа моќта на минатото испреплетено во сегашноста, на македонската вековна традиција којa тој ја воведе во модерното време.

(В.И.И.)

Фото: Нациоанлна галерија на Македонија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.