Уметност во кован бакар – изложба на Мирослав Поповски-Вински во Куманово

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена изложба на дела од Мирослав Поповски-Вински. Тој ќе се претстави со четириесетина дела работени во кован бакар во последните неколку години.

Поповски-Вински (1958 година, Куманово) со техниката кован бакар се занимава повеќе од 30 години. Својата прва изложба ја реализирал во Куманово во 2007 година, а во последните три години излагал во Струмица, Радовиш и Сокобања. Оваа изложба му е второ самостојно претставување пред кумановската публика.

– Применетата уметност, украсниот дизајн и декоративната уметност секогаш биле актуелни, пред сè заради можноста во истите да се вклучат професионални уметници, но и лица – пасионирани вешти занаетчии, кои со своите креации даваат оригинален печат на изведениот експонат. Посебно внимание предизвикуваат делата работени во метал или поточно на листови од бакар, во случајот со техниката кован бакар. Оваа техника е многу ретка на овие простори, а Мирослав Поповски-Вински е еден од пионерите и промоторите на овој вид на креативно изразување кај нас – вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.

Работејќи триесетина години на развивање и унапредување на техниката кован бакар, тој успеал да создаде еден свој препознатлив визуелен приказ којшто се базира на фигурација и орнаментика изведена во плиток бакарен релјеф. Во содржинска смисла, тематски е врзан со христијанската иконографија во еден поширок временски дијапазон: тука се вклучени и библиските сцени, Христос, Богородица, светите лица од постар и понов датум – апостоли, свети војници, архиереи, свети лекари, монаси, пророци и др.

– Пристапот на авторот е прикажаните ликови да се во согласност со канонските правила за прикажување на свети лица, т.е. истите да се придружувани од атрибути специфични за секој лик посебно во смисла на физиономија, облека, оригинална сигнатура и пратечки реквизити. Во овие дела посебно импресионира степенот на цртачката изведба, приказот на драпериите, комплексните композиции со ликови и орнаменти, симулација на волумен и слични детали прецизно изведени во оваа не баш лесна техника за работа – вели Цветковски.

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 17 април.

Сподели