Мултимедијалниот уметник Страхил Петровски ќе изложи „Гласови“ во Словачка

Станува збор за циклус од дваесеттина дела со огромни димензии, замислени и поставени како просторна инсталација, изработени во техниката акрилик на хартија или комбинирана техника на хартија

„Гласови“ (Voices) е насловот на изложбата од Страхил Петровски која ќе биде отворена во сабота (23 септември) во Синагогата во градот Ступава, Словачка. Станува збор за циклус од дваесеттина дела со огромни димензии, замислени и поставени како просторна инсталација (83/85 х 530/550 см), изработени во техниката акрилик на хартија или комбинирана техника на хартија.

Во текстот од каталогот историчарката на уметност и куратор на проектот, Маја Чанкуловска-Михајловска, ја цитира познатата синтагма на Марко Аврелиј: „Што правиме сега има ехо во вечноста“.

– Со неговите зборови допираме до суштинските постулати на творештвото на Петровски. Како континуитет на темите кои го засегаат, авторот се повикува на овој цитат и во одредени сегменти од неговите претходни реализации. Круцијалните прашања кои Петровски како мултидисциплинарен уметник ги поставува во своите дела носат хуманистички предзнак, односно тој во (речиси) сите негови реализации постојано поаѓа од анализата на сите оние индивидуални-општествени прашања кои во својот центар го имаат човекот и, се разбира, неговата интеракција и влијание како човек и уметник со/врз она што се нарекува човечност – вели Чанкуловска-Михајловска.

Страхил Петровски

Според неа, било да станува збор за слики, цртежи, фотографии, дигитални отпечатоци, видеа, перформанси или нивна синергија, Петровски во своите дела многу пати „говори во прво лице“. Но, преку сопствениот лик/присуство, тој не претставува само автопортрет, туку се обидува да не врати кон Човекот кој создаден од Бога според сопствениот лик, е основата на сите нешта, било да се позитивни или негативни.

– Наспроти природата која функционира на принцип на сопствените закони за креација и ре-генерација на енергија и живот, Човекот кој е (навидум) свесно и духовно суштество, според креационистичките, еволуционистичките, бихевиористичките теории е виновник како за сета генеза и еволуција, така и за сето уништување. Од друга страна, пак, различни видови на дуализам, можеби дури и вид на Декартов интеракционизам, е присутен во делата каде контрастите црно-бело, светло-сенки, присуство-отсуство, добро-зло, создавање-уништување…, не го дефинираат само рафинираниот авторски ракопис и визуелниот естетски впечаток, туку говорат за улогата на уметникот-човек или човекот-уметник, не само како Креатор, туку и како Коректив на постоењето и дејствувањето – пишува Чанкуловска-Михајловска.

Во овие дела отсуствува фигурацијата, но секако, а можеби и контрадикторно, протагориниот човек како „мерка на сите нешта“ се чувствува нагласено како поструктуралистичкото „присуство преку отсуство“ на Дерида. Приказната за гласовите од минатото кои одекнуваат во сегашноста и понатаму во иднината, е претставена преку карактеристичниот апстрактно експресивен до калиграфски уметнички ракопис на Страхил Петровски.

– Самата замислена нарација во сликите е трансферирана преку форми кои асоцираат на ротулуси, симболично визуелизирајќи ги сите досегашни цивилизациски слоеви или т.н. гласови, како (не)материјални записи од почетокот на настанокот на светот и земјата, додека асоцијативната апстракција на бои со топол земјен и загушен тоналитет и звучност, сугерира слоеви од старост, минатото, патина на одредени артефакти тукушто излезени на површината после вековна заборавеност во длабочините на земјата. Всушност, неизбежен моментум за сериозна контемплација кај Петровски е сегашното време на изместени вредности и нивно опаѓање во секоја сфера на општеството, како обид да се најде некаква заедничка точка во однос на критиката на ваквото негирање на вредностите како една од негативните особености на Човекот уште од Почетокот, односно Создавањето – вели Чанкуловска-Михајловска.

Страхил Петровски е роден во 1974 година во Куманово. Дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2000 година завршил постдипломски студии на истиот факултет. Реализирал 18 самостојни изложби во Скопје, Куманово, Охрид, Тетово, Виена, Париз, Белград, Њујорк, а учествувал на 75 групни претставувања. Добитник е на многубројни награди, од кои најзначајни се: Откупна награда НУБ „Св. Климент Охридски“, ДЛУМ – Цртеж за во 1998 и 2022 година, Зимски салон на ДЛУМ, 11 Ноемвриска награда на град Куманово во областа на современата ликовна уметност и други. Работел како соработник демонстратор по предметот Сликарска технологија и сликарски техники на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 2002 до 2010 година е соработник-конзерватор во лабораторијата за конзервација и реставрација на икони преи Националниот конзерваторски центар. Член се ДЛУМ, ИКОМОС и ИКОМ. Вработен е како советник-конзерватор во Националниот концерзваторски центар и како вонреден професор по предмети за фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.

Сподели