Предавањата ќе се фокусираат на екологијата, така што делата создадени од овие проекти ќе бидат изработувани од рециклирани материјали, велат уметниците
Визуелната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска и скулпторот Сашо Саздовски од утре до 24 август ќе бидат визитинг-професори во Јемен. За време на летниот семестар студентите на Јемен, на островот Сокотра, ќе имаат следат настава од интернационални професори од Италија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Индија, Бразил, Унгарија, Македонија, Америка и од Јемен по различи предмети: цртање, сликарство, скулптура/инсталација, керамика и др. Апостолоска-Саздовска ќе држи предавања по предметот сликарство/инсталација, а Саздовски по предметот скулптура.
– Предавањата ќе се фокусираат на екологијата, така што делата создадени од овие проекти ќе бидат изработувани од рециклирани материјали. Напоредно со предавањата, предвидени се работилници за деца од предшколска и школска возраст. Завршната изложба на студентите ќе биде реализирана на островот Сокотра и во Центарот за современа уметност во Абу Даби – велат авторите.
Во 2008 година УНЕСКО го прогласи островот Сокотра за светско природно наследство бидејќи одликува со најбогатa биоразновидност на Арапското Море создавајќи единствена и спектакуларна ендемска флора и фауна единствена од таков вид во светот.

Пандора Апостолоска-Саздовска е визуелен уметник, активист и истражувач. Во 2004 година дипломирала на Академијата за ликовни уметности, отсек сликарство со реставрација и конзервација под менторство на проф. Душан Перчинков и проф. Танас Луловски. Нејзината уметничката практика е насочена кон меѓучовечките односи истражувајќи ги аспектите на војната и насилството како политички и социолошки феномен. Во нејзината богата творечка кариера има реализирано изложби во музеи, галерии и центри за современа уметност, вклучувајќи го музејот за современа уметност во Македонија, националниот музеј во Индија, музејот на Марк Ротко во Латвија, национален музеј во Кина, центарот за современа уметност во Абу Даби, Фондацијата Хејдар Алиев во Азербеџан, Универзитетот за уметност и дизајн во Аман, Јордан и Универзитетот во Шаржа, Обединетите Арапски Емирати, Центарот за современа уметност во Нормандија, Уметничка фондација Ал Алшамах во, Катар, уметничко биенале во Малезија и други. За нејзината работа таа е наградена од Европскиот град на културата UMEA во 2014 година во Париз, Франција, меѓу другите признанија, грантови и студиски престои. Нејзините дела се наоѓаат во престижни јавни и приватни колекции, вклучувајќи владини институции, амбасади, музеи и галерии. Во 2017 година беше визитинг професор по современа уметност на Универзитетот за уметност и дизајн во Шаржа, Обединети Арапски Емирати.

Сашо Саздовски е скулптор и истражувач. Во 2000 година дипломирал на Академијата за ликовни уметности, на Катедрата за скулптура и графички дизајн каде 2002 година магистрира под менторство на проф. Драган Поповски – Дада. Уметничката практика на Саздовски е научно истражувачка. Во своите истажувања тој е фокусиран на прашањата за бесконечноста како одраз на нашето ограничено постоење во времето и просторот. Тој досега има изложувано во музеи и галерии за современа уметност, вклучувајќи го центарот за современа уметност во Абу Даби ОАЕ, уметничкиот центар Марк Ротко во Латвија, фондацијата Хејдар Алиев Баку, Азербејџан, националниот музеј во Индија, Центар за современа уметност MECA Алмерија Шпанија, 58 Biennale di Venezia во Centro Culturale Don Orione Artigianelli во Италија, 14 Biennale di Venezia di Architettura Palacio Albrizi во Италија и други места. Најзначаен сегмент во неговата креативна кариера е реализацијата на монументални скулптури на јавен простор. Сашо Саздовски досега има реализирано над 20 јавни скулптури во Аргентина, Оман, Катар, Азербејџан, Словенија ОАЕ, Турција, Косово, Босна, Србија, Црна Гора, Латвија, Русија, Италија, Австрија, Германија, Данска, Чешка, Португалија и Македонија. Тој е професор по ликовна уметност во „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје.





