Соработката е во рамките на Tram Europеan – уметничка платформа на независни размислувања посветени на европската интеграција, човековите права и учеството на европската младина во демократските процеси
Шестмина уметници и двајца куратори од Македонија и од Сардинија еден месец разменуваат искуства во рамките на Уметничката резиденција што ја организираат Здружението за педагогија, промоција и заштита на културното наследство „Македонида“ од Скопје и Организацијата „Отоволанте сулцис“ (Ottovolante Sulcis) од островот Св. Антиоко, близу Сардинија, Италија.

Соработката е во рамките на Tram Europеan – уметничка платформа на независни размислувања посветени на европската интеграција, човековите права и учеството на европската младина во демократските процеси. Во проектот се вклучени уметниците Кјара Александра Јанг, Давиде Маријани, Марко Манкони и кураторот Клаудио Роса од Сардинија и нашите уметници Зоран Шекеров, Лина Дамјан и Ана Спасова и историчарката на уметност Гордана Велков. Тие две недели веќе престојуваа во Скопје, а вчера заминаа за Сардинија.
– Соработката помеѓу двете организации се случи преку уметникот Аугусто Гадеа од Уругвај кој беше учесник на нашата прва уметничка резиденција во 2019 година, а наредната година бил резидент на „Отоволанте сулцис“. По неколку разговори добивме покана да учествиваме во поширока уметничка програма Tram Europеan. Како историчар на уметност и куратор во „Македонида“ ми се допадна платформата на програмата која остава простор за независни уметнички размислувања, идеи и реализација кај млади автори до 30 години – објаснува Велков.

Гостите од Сардинија две недели престојуваа во Скопје. Покрај бројните посети низ градот и институциите, тие паралелно ги разработуваале своите идеи во мултимедијален пристап, фотографија, филм цртеж и музика.
– Покрај културно-уметничките институции во Скопје посетивме образовните институции во Општината Шуто Оризари, во селото Љубанци, бевме по рурален и напуштен пејзаж на традиционалните куќи со дрвена конструкција, на Матка ја посетивме пештерата Врело и во селото Нерези црквата „Св. Пантелејмон“. И се разбира Старата скопска чаршија како најголем предизвик за нив оти прв пат се среќаваат со богатиот колорит што на улиците го оставиле различните народи низ времето, историјата, културата – вели Велков.

Чаршијата им бил епицентар на претсојот во Скопје.
– Беше динамично, полно со импресии како што е и пулсот на самата чаршија. Како вистински Сарди (назив на жителите на Сардинија) тие веднаш ја препознаа нашата кујна, сирењето, зеленчукот, месото, виното. Освен свежите морски плодови и риби, останатото не е многу различно од кај нив. Што се однесува до менталитето , имаме уште две недели да работиме на тоа – објаснува Велков.

Групата вчера пристигна на островот Св. Антиоко, во истоимениот град на југот од Сардинија. Денеска веќе продолжуваат да работат заеднички, без однапред определена идеја.
– Идејата ќе се сублимира според сите податоци кои уметницие преки своите медиуми ќе ги соберат од оние маеста кои ги посетивме и во кои се одвива нивниот престој. Сепак, во нашите дружења и разговори дискурсот се културните и уметничките придобвки како и природната реткост и убавина кои нè промовираат како земја. Секако тука е социјалната димензија која сите нè поврзува. Денеска заминуваме за Св. Антиоко. Една добра пријателка која живееше неколку години таму ми рече дека Св. Антиоко е магично место и луѓето се магични. Сите се уметници и не им треба никаков друк јазик освен уметноста – вели Велков.





