Уметници од регионот на резиденција во Струга

Во локалот „Дуќан“ во Струга почна претставувањето на радиоателјето – „Духови на радиото“ под водство на дизајнерот на звук Харис Сахачиќ од Босна и Херцеговина. Во ателјето престојуваат и Виктор Вејвода, мултимедијален уметник од Србија и Дејана Николовска – режисерка од Македонија. Тројцата со своите методолошки пристапи и со меѓусебно уметничко вкрстување, доаѓаат во струшката заедница да одговорат на главната цел – преку уметноста да се создаваат нови вредности во заедниците околу охридското УНЕСКО подрачје и да се охрабри креирање на нови солуции кои се естетски, одржливи, достапни и корисни за развојот на регионот.

Нивниот престој е во рамките на проектот „Уметникот во заедницата, резиденција и развоен хаб, Вишни“ имплементиран од Иницијативата за независен културен активизам ИНКА од Струга и „Мини погон“ од Белград поддржан од УНЕСКО преку програмата Култура и креативност за Западен Балкан, а финансиран од Европската Унија.

Целта на проектот е да создаде точка на средби помеѓу уметници од различни дисциплини од регионот на Западен Балкан и поширокиот регион, како платформа за размена, мобилност и слободна експресија преку уметничка пракса. Селото Вишни ќе пречека вкупно 12 уметници од Западен Балкан, поделени во 4 резидентни циклуси, кои од ова средиште ќе го шират својот радиус на интерес и кон поширокиот регион околу Охридското Езеро.

Заедничка трансверзала која ги поврзува тројцата уметници на пролетната резиденција е медиумската редакција иако секој од нив вклучува различни медиуми и интерактивни пристапи.

Посветен на демократизација на креативноста, Виктор Вејвода, користи достапни алатки за продукција на самоиздадени (Samizdat) принтани дела, поттикнувајќи соработка и јакнење помеѓу заедниците. Служејќи се со едноставноста на желатинскиот дупликатор, тој ќе води желатинска принт работилница, каде учесниците ќе создаваат локално произведени публикации, картички, и мали дела исполнети со текст и илустрација, на „направи сам“ принцип.

Дејана Николовска е театарска режисерка, со образование стекнато на руската академија за театарски уметности, Москва. Покрај главната пасија театарот, зад себе има искуство во тв и продукција на манифестации и театарска педагогија. Во рамки на резиденцијата, покрај богатото искуство во класичната режија, Николовска ќе вклучи ин ситу алатки и методологии во служба на интеракција со заедницата и околината.

Харис Сахачиќ е радиопродуцент и дизајнер на звук. Тој се впушта во реалностите на звукот, ги испреплетува заедно, концептот, естетското и контекстот, со цел создавање имерзивни аудитивни искуства. Учесниците во сесиите на Сахачиќ ќе се запознаат со аспектите на радио продукцијата, преку теоретско и практично истражување. Тој сака да ја предизвика перцепцијата на радиото како медиум, кое слави 100 години емитување, истовремено промовирајќи го неговиот потенцијал за уметничка и филозовска експресија.

Сподели